Doga Kirmizioglu
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
АНКАРА (АА) - Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја заврши внатрешната истрага за корупција во рамките на организацијата, кој беше започната во 2015 година, и објави извештај на 1.300 страници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на интернет-страницата на ФИФА се вели дека е завршена внатрешната истрага во ФИФА за мито и корупција, и дека информациите се доставени до Јавното обвинителство на Швајцарија и до американските официјални претставници.
Исто така, се наведува дека во последните 22 месеца детално се прегледани 2,5 милиони документи и дека се сослушани голем број сведоци. Врз основа на истрагата, направен е извештај на вкупно 1.300 страници.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека станува збор за детален и сеопфатен извештај.
„Работевме внимателно, со цел да ги запреме оние што прават криминал во фудбалот. Истрагата е завршена, а доказите им ги предадовме на официјалните лица. Сметам дека врз основа на овие докази и документи, фудбалот повторно ќе ја врати својата поранешна репутација“, рече Инфантино.
Светската фудбалска федерација се соочува со една од најголемите кризи во својата историја, која предизвика бројни скандали за корупција и поткуп во хиерархискиот врв на оваа организација.
На 27 мај, во седиштето на ФИФА во Женева, швајцарската полиција уапси неколкумина високи функционери под сомневање дека примиле мито.
Етичкиот комитет на ФИФА подоцна ги суспендира долгогодишниот претседател на фудбалската организација, Сеп Блатер, и претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Мишел Платини, кои беа опфатени со истрагата за спорна исплата на два милиона швајцарски франци, кои Блатер му ги уплати на Платини.
И на двајцата им беше забрането да работат во фудбалот шест години.