Hüseyin Burak Demirer
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АБУ ДАБИ
Во Абу Даби утре започнува 18. издание на Светското клупско првенство кое го организира Светската фудбалска федерација (ФИФА), која ги обединува шампионите на шест континентални конфедерации и шампионите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), домаќини на натпреварувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за натпреварување кое требаше да биде одржано минатата година во Кина со повеќе учесници, а потоа е преместено во Јапонија, но ни таму не е одржано поради пандемијата на Ковид-19.
На крајот ФИФА одлучи натпреварот на најдобрите континентални клубови да се одржи во Абу Даби, од 3 до 12 февруари оваа година.
Во првото коло утре ќе се сретнат домаќинот на Првенството, клубот Ал-Џезира и Пире од Тахити кој на Првенството доаѓа како замена за шампионите на Океанија, новозеландските Оукленд Сити, кои не можат да настапуваат поради рестриктивните мерки за борба против пандемијата во Нов Зеланд.
Победникот на тој натпревар во наредната рунда ќе игра против шампионите на азиската лига Ал Хилал од Саудиска Арабија.
Шампионот на Африка, Ал Ахли од Египет, на 5 февруари ќе игра против мексиканскиот Монтереј, кој на Првенството пристига како најдобар тим на Северна и Централна Америка и Карибите (CONCACAF).
Лондонскиот Челси на 9 февруари игра против победникот на натпреварот кој го играат Ал Хилал и подобриот од првиот дуел помеѓу Ал Џезира и Пире.
Бразилскиот Палмеира, еден ден пред полуфиналниот натпревар ќе игра против подобриот од четвртфиналниот дуел помеѓу Ал Ахли и Монтереј.
Финалето на Светското клупско првенство на распоред е на 12 февруари и ќе се игра на стадионот „Мухамед бин Зајед“ во Абу Даби.
Титулата шампион на Светското клупско првенство 2020 година ја освои Баерн од Минхен.