Furkan Abdula
26 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот турски репрезентативец, Умит Каран, даде оставка од функцијата тренер на македонскиот фудбалски клуб „Шкупи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Каран одржа прес-конференција по овој повод, на којашто нагласи дека со целата екипа вложиле напор за да стане клубот попрофесионален.
„Кога дојдов во клубот минатата година, овој клуб се наоѓаше во последниот ред од табелата, но потоа отидовме на првенство во Европа“, рече тој.
Каран нагласи дека во текот на неговата функција како тренер, успеал да направи добри работи за неговата земја, Турција.
„Мислам дека веќе треба да се стави крај, бидејќи не можам што повеќе да им дадам на играчите и клубот. Треба да направам чекор назад за да им оставам простор на новите можности за клубот. Бидејќи навистина го сакам овој клуб, и сметам дека многу добро работев за него. Но веќе е време да направам чекор назад“, додаде Каран.
Тој нагласи дека овој клуб има добра иднина, и дека не сака да го спречи тоа.
„Овој клуб секогаш ќе има место во моето срце, но фудбалот е таков. Можно е утре да бидам во друг клуб, а можно е и да играм против Шкупи. Тоа е фудбал. Беше добар почеток за мојата кариера како тренер. Дојде време да го напуштам. Сакам да упатам благодарност до моите играчи, бидејќи тие секогаш правеа повеќе од можното за да добијат добар резултат. Исто така, сакам да упатам благодарност и до техничкиот персонал на клубот. Имавме добри и лоши денови, но успеавме секогаш да бидеме заедно“, рече Каран.
Според него, во неговата кариера како фудбалер сакал секогаш да победува на сите мечови. „Мразам да губам. Имав желба во три меча да добиеме 9 поени. Таа беше мојата цел, но не ја постигнав. Затоа време е да кажам стоп“, додаде тој.
Запрашан во која насока ќе оди со неговата кариера, Каран одговори: „Одреден период имам потреба да одморам. Дојдоа некои понуди. Ќе видиме што ќе се случи. Можеби ќе останам во Северна Македонија, не се знае. Најпрвин ќе одам во Турција да го посетам моето семејство. Потоа ќе одлучам што ќе правам. Што би посакал нешто подобро, освен Шкупи да стане шампион“.
Омер Бунјаку, спортски директор на Шкупи, истакна дека сè уште не се знае кој ќе дојде на местото на Умит Каран.
„Сакам да упатам благодарност до Каран. Донесе посебен дух во нашиот клуб. Во секој меч баравме победа. Кога Умит Каран дојде кај нас, бевме последни на табелата, но успеавме да се пласираме во Европа. Умит Каран успеа да нè однесе во Европа. Сметам дека во Северна Македонија немало и нема да има поголемо име од Умит Каран“, нагласи Бунјаку.