Admir Fazlagic
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) објави дека назначила инспектор за дисциплински и етички прашања со цел да спроведе истрага за однесувањето на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, кој во текот на натпреварот меѓу Северна Македонија и Австрија на ЕУРО 2020, го навреди македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во согласност со членот 31/4 од Дисциплинската регулатива на УЕФА, назначен е инспектор за етички и дисциплински работи за да спроведе истрага во врска со инцидентот во кој е вклучен играчот Марко Арнаутовиќ, што се случил за време на натпреварот од групната фаза на Европското првенство 2020 меѓу репрезентациите на Австрија и Северна Македонија на 13 јуни 2021“, се наведува во соопштението на УЕФА.
- ФФМ побара од УЕФА дисциплинска постапка за однесувањето на Арнаутовиќ
Фудбалската федерација на Мaкeдонија (ФФМ) вчера на официјалниот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека од УЕФА побарале „најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ“.
„Како 'Куќа на фудбалот' секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, се истакнува во објавата на ФФМ.
ФФМ ја побара дисциплинската постапка откако Арнаутовиќ, по постигнувањето гол во 89. минута, започна да го навредува Алиоски.
Во меѓувреме, во објава на социјалните мрежи Арнаутовиќ упати извинување на македонски и на албански јазик.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски загубија од Австрија со резултат 3:1, во рамките на натпреварот од Групата „Ц“ на Европското првенство (ЕУРО 2020). За Северна Македонија ова беше нејзин дебитантски натпревар на едно европско првенство во фудбал.
Наредниот натпревар избраниците на селекторот Игор Ангеловски го играат в четврток, на 17 јуни, против Украина.
Во Групата „Ц“ освен Северна Македонија и Австрија се и репрезентациите на Украина и Холандија.