Dejan Maksimoviç
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
ЛОНДОН (АА) - Британските медиуми јавуваат дека Европската фудбалска федерација (UEFA) започнала дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Црна Гора поради наводите за расистичко навредување на фудбалерите на Англија на синоќешниот квалификациски натпревар за ЕВРО 2020 година, кој се одигра во Подгорица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Англија реализира убедлива победа со 5:1, но натпреварот остана во сенка на расистичките навреди на гостинските фудбалери, пред сѐ на Дени Роуз.
„Од УЕФА истакнаа дека против ФС на Црна Гора е отворена дисциплинска постапка со обвиненија за расистичко однесување. Одлуката за овој случај ќе биде донесена на 16 мај“, наведуваат британските медиуми.
Светската мрежа за борба против расизмот во фудбалот (FARE) соопшти дека средбата во Подгорица ја окарактеризирале како високоризична, кога станува збор за расистичкото однесување.
„На натпреварот имавме набљудувач кој собра докази за расна навреда. Нашиот тим за надзор собира докази пред да бидат доставени до УЕФА“, рече Пиара Повар, извршниот директор на Светската мрежа за борба против расизмот во фудбалот.
Англија со убедлива победа се смести на врвот на табелата во групата А во квалификациите за ЕВРО 2020 со 6 бода. По Англија на табелата се Бугарија - 2 бода, Косово - 1 (натпревар помалку), Црна Гора - 1, Чешка - 0 (-1).