Fatih Çakmak
09 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
АНКАРА (АА) – ФАТИХ ЧАКМАК -
Претседателот на Специјалната спортска федерација на Турција, Бирол Ајдин, истакна дека на 2. Светски спортски игри за лица со Даунов синдром, кои ќе се одржат во Турција, ќе учествуваат спортисти од 36 земји од светот.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА) тој говореше за подготовките за 2. Светски спортски игри за лица со Даунов синдром (Trisome Games 2020), што ќе се одржат од 31 март до 7 април во Анталија.
Потсетувајќи дека првите игри, кои се сметаат како Олимпијада, се одржани во Италија, Ајдин рече: „Вторите игри ќе се одржат во Анталија со учество на 36 земји. Се надевам дека сите спортисти со Даунов синдром ќе стигнат во Анталија. Тоа е многу значајно за развојот на спортот во нашата земја.“
Ајдин нагласи дека на Турција, со гласовите на сите земји, ѝ било доверено организирањето на Светските спортски игри за лица со Даунов синдром.
„Се надевам дека на нашите браќа со Даунов синдром ќе им го покажаме турското гостопримство. Турција е секогаш кандидат за олимпијади, параолимписки игри. Постигнавме голем успех со тоа што по Италија, игрите ќе се одржат во Турција. Во однос на присуството ја поминавме Италија, има рекорден број на учесници. Во Италија учествуваа 22 земји, кај нас ќе учествуваат 36 земји. Ние ги отворивме вратите за лицата со попреченост“, рече Ајдин.
Истакнувајќи дека министерот за млади и спорт на Турција, Мехмет Мухарем Касапоглу, на 2 март се сретнал со спортистите што ќе учествуваат на 2. Светски спортски игри на лица со Даунов синдром, Ајдин рече дека тоа дало висок морал и мотивација кај спортистите.
„Тие имаа историски ден. Министерот се сретна со спортистите со попреченост. Поголемиот дел од децата можеби првпат во животот почувствуваа таква атмосфера“, рече Ајдин потсетувајќи на слабите услови за спортување во минатото. „Ете сега тие деца спортуваат на спортските терени. Некои од нив играат фудбал, некои кошарка, атлетика, пинг-понг“, нагласи Ајдин.
- „Лицата со попреченост ја живеат својата златна ера во нашата земја“ -
Оценувајќи го постигнатиот момент во врска со лицата со попреченост, Ајдин рече дека тие ја живеат својата златна ера во Турција.
„За тоа благодарен сум на нашиот претседател. Со неговиот покажан интерес, лицата со попреченост ги надминаа бариерите“, нагласи Ајдин.
Тој истакна дека игрите се значајни за промоцијата на Турција и за привлекување на други спортски организации. „Во Анталија ќе учествуваат 1.500 спортисти од вкупно 36 земји. Тоа е рекорд. Сите спортисти со Даунов синдром ќе ги собереме во Анталија. Во медиумите многу не се пишуваше, но многу е значајно што се одржува во Турција. Поради игрите се истражува за Анталија и Анкара.“
- „Турција има најбројна екипа, учествува со 120 спортисти“-
Претседателот на турската Специјална спортска федерација истакнувајќи дека турските спортисти со Даунов синдром се на прво место во светот, рече: „Во атлетика имаме деца кои се светски шампиони. Во пливање и пинг-понг имаме 5 спортисти кои се први во светот. Соборивме светски рекорд во фрлање копје. Со 120 спортисти, Турција е најбројната екипа. Се надевам дека во Анталија ќе освоиме многу медали.“
Тој посочи на тежината на поставените услови за спортистите со попреченост за учество на Параолимписките игри во Токио 2020 година.
„За да може спортистот со попреченост да учествува на Параолимписките игри во атлетика треба да биде 10-ти во светски рамки. И покрај тоа, нашата спортистка Есра Бајрак како 5-та во светот ќе ја претставува нашата земја на Параолимписките игри во Токио во 2020 година.“
Давајќи информации за турските спортисти кои се стекнале со квоти за учество на Параолимписките игри во Токио 2020 година, Ајдин рече: „Во моментов одиме со 3 спортисти; 2 во атлетика, 1 во пинг-понг. Тоа е многу важен успех. Да учествуваме и со 1 спортист е важно, но ние учествуваме со 3.“