29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Оле Гунар Солскер, привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, изјави дека не би бил задоволен само со пласман меѓу првите четири тима во англиската Премиер лига, туку дека сака многу повеќе, а тоа е барем еден трофеј, пренесува Anadolu Agency (AA).
Солскер од доаѓањето на клупата на Јунајтед, каде што го наследи Португалецот Жозе Мурињо, нанижа осум победи едноподруго, шест во Првенството и две во ФА Купот. Норвежанецот веќе се впиша во клупската историја како менаџер со најдобар старт, а претходно тоа му успеа и како играч на „црвените ѓаволи“.
„Тоа не е остварување на сонот, да се биде меѓу првите четири тима. Манчестер Јунајтед треба секогаш да тежнее да ја освои Лигата. Не можеме тоа да го сториме оваа сезона, но мораме да гледаме напред, како да го сториме тоа. Имаме Лига на шампиони, имаме ФА Куп, не можеме само да кажеме дека посакуваме да бидеме меѓу првите четири во Лигата“, рече Норвежанецот, и додаде:
„Во моментов сме на шестата позиција во Премиер лигата, и далеку сме од водечките тимови. Во овој момент предизвик е да бидеме меѓу првите четири тима. Реално гледајќи, мислам дека не можеме да размислуваме за првите две позиции.“
Солскер истакна дека е одушевен од реакцијата на играчите, од нивното залагање и од тимскиот дух што го покажале, и дека периодот до крајот на сезоната треба да се искористи за да се подготват за лов на шампионската титула наредната година.
Манчестер Јунајтед по 23 одиграни кола во Премиер лигата го зазема шестото место со 44 бода, што е дури 16 помалку од лидерот Ливерпул и 12 од второпласираниот Манчестер Сити.