Bakir Tiro
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
АТИНА (AA) - Сократис Папастатопулос, фудбалскиот репрезентативец на Грција, го осуди истакнувањето на транспарентот „Нож, жица, Сребреница“, на трибините на стадионот „Георгиос Караискакис“ во неделниот натпревар од четвртото коло од групата „Х", во рамките на квалификациите за Светското првенство „Русија 2018“, против Босна и Херцеговина (1:1), јавува Anadolu Agency (AA).
„За срамниот транспарент („Нож, жица, Сребреница”) дознавме дури по натпреварот. Срамота е тоа да се случува. Никој не смее да биде навредуван. Тешко е да се контролира големиот број навивачи. Секогаш меѓу нив има некоја будала“, изјави Сократис, а како што јавуваат грчките медиуми, потоа тој се обиде да ја „изедначи вината“ меѓу навивачите во текот на неделниот натпревар:
„Не треба за сѐ да се обвинуваат грчките навивачи. Босанските навивачи скандираа 'Македонија', а тоа нѐ навредува“.
Туркањето на фудбалерот на Борусија Дортмунд со Един Џеко беше тема на бројните светски медиуми, бидејќи пред крајот на натпреварот во Грција, капитенот на БиХ доби црвен картон затоа што на Сократис му ги соблече шорцевите.
„Ми беше смешно. Не знам од каде му е на Џеко таа идеја да ми ги соблече шорцевите. На мене тогаш најважно ми беше да се воздржам и да не регирам за и јас да не бидам исклучен од игра“, рече Сократис.