Hüseyin Burak Demirer
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - За време на тренингот на екипата на Пекинг Ентерпрајсес, членка на втората кинеска фудбалска лига, 30-годишниот фудбалер Шеик Тиоте, поранешен играч на англискиот премиерлигаш Њукасл, почина од срцев удар. Спортскиот свет сѐ уште тагува по голем број спортисти кои како и Тиоте, смртта ги дочека на спортскиот терен, за време на нивниот натпревар или тренинг, јавува Anadolu Agency (AA).
- Постојат многубројни примери во фудбалот -
На полуфиналниот фудбалски натпревар меѓу Камерун и Колумбија, одржан на 26 јуни 2003 година, во рамките на Купот на конфедерации на ФИФА, камерунскиот репрезентативец Марк-Вивиен Фое ненадејно се струполи на теренот за време на второто полувреме. Фое ја загуби свеста и веднаш беше префрлен во болницата во францускиот град Лион, каде што се одржуваше натпреварот, но и покрај сите напори, 28-годишниот фудбалер го загуби животот. Како причина за смртта беше наведено дека немало доток на воздух до неговите бели дробови.
Миклос Фехер (24) беше еден од најголемите таленти на унгарскиот фудбал. Фехер, кој беше член на португалскиот клуб Бенфика, на 25 јануари 2004 година играше на мечот против екипата на Гимареш. Кон крајот на натпреварот, Фехер доби жолт картон, по што му се слоши. Тој беше пренесен во болница, каде што почина. Како причина за смртта на унгарскиот репрезентативец, кој претходно ги бранеше боите на Порто, се наведува аритмија на срцето.
Антонио Пуерта, играч на Севиља, се струполи на теренот во 35. минута од средбата со Гетафе, на 25 август 2007 година, во рамките на првата шпанска фудбалска лига – Ла лига. По укажаната лекарска помош, Пуерта се освести и откако замина во соблекувалната, повторно колабирал, по што беше префрлен во болница, каде што по три дена почина. Како причина за смртта на 22-годишниот Пуерта се наведува наследна срцева болест.
- „Sweet Kiss” помина низ целта со мртов џокеј на грбот -
Џокејот Френк Хеиз почина за време на една коњска трка со водени препреки, организирана во паркот Белмонт во Њујорк, на 4 јуни 1923 година. Кога Хеиз (35) помина прв низ целта, веќе беше мртов во седлото на коњот „Sweet Kiss“, што на целиот настан му даде поголема драма. Колку што е познато, Хеиз е спортист што ја носи титулата „единствен спортист кој умирајќи остварил победа“.
- Некој смртта ја дочека пред воланот, некој во вода -
Новозеланѓанецот Дени Хјум, кој како возач на екипата Брабхам беше шампион во трките на Формула 1 за сезоната 1967 година, на 4 октомври 1992 година, управувајќи со автомобилот BMW M3 на натпреварот „Bathurst 1000“ во Австралија, доживеа срцев напад и почина пред воланот. Хјум (56) е првиот спортист во историјата на автомобилизмот кој почина за време на натпревар, а причина за тоа не била сообраќајна несреќа.
Американскиот пливачки маратонец Френк Крипен, кој во сезоната 2009 беше третопласиран во трките на долги патеки, зеде учество во последната трката на 10 километри на отворено, која на 23 октомври 2010 година се одржа во градот Фуџејра, во Обединетите Арапски Емирати. Откако Крипен, победникот од претходната трка во Мексико, не се појави на целта, започна акцијата за негово пронаоѓање. По 1,5 часа, на оддалеченост од 500 метри од целта беше пронајдено телото на 26-годишниот пливач. Како причини за смртта на Крипен се наведуваат срцева аномалија, астма и тешките услови на трката.