Şenhan Bolelli
30 Мај 2019•Ажурирај: 01 Јуни 2019
МАДРИД (АА) - Цените за сместување во Мадрид, во пресрет на англиското финале на Лигата на шампиони в сабота се зголемија и до 200 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Англиските тимови Ливерпул и Тотенхем в сабота ќе играат финале на Лигата на шампиони на мадрискиот стадион „Ванда Метрополитано“, а правдата на терен ќе ја дели словенечкиот арбитар Дамир Скомина.
Пред финалето в сабота цените на хотелите и другите сместувачки капацитети во главниот град на Шпанија се зголемија енормно.
Според податоците на Здружението на хотелиери, хотелските капацитети во Мадрид се пополнети 90 отсто, додека интернет-страниците за резервација на сместувања во приватни куќи, како „Airbnba“, наведуваат дека се пополнети 65 отсто од капацитетите.
Многу жители на Мадрид од квартовите околу стадионот се одлучија да ги напуштат своите домови и да ја искористат можноста за заработка од финалето на Лигата на шампиони.
Цените за кревети за една ноќ во таквите станови се и до 500 евра. Стан или куќа кои се издаваат за 200 евра месечно, пред финалето достигнаа цена на изнајмување од 4.600 евра за еден ден.
Во Мадрид се очекува доаѓање на над 70.000 навивачи, а проценките се дека финалето на Лигата на шампиони ќе донесе и до 100 милиони евра економска корист за главниот град на Шпанија.
Влезниците за финалето меѓу Ливерпул и Тотенхем се веќе распродадени, а на црниот пазар цените на една влезница достигнаа и до 10.000 евра.
Центарот на градот е посебно уреден и веќе е подготвен за големата фудбалска ноќ.
Преземени се максимални мерки на безбедност за кои се ангажирани повеќе од 1.000 припадници на полицијата и жандармеријата.