спорт

Сер Алекс Фергусон се врати на Олд Трафорд

Фергусон се врати на Олд Трафорд, првпат по итната операција што ја имаше на почетокот на мај оваа година поради излив во мозокот

Dejan Maksimoviç  | 22.09.2018 - Обновена : 24.09.2018
Сер Алекс Фергусон се врати на Олд Трафорд

Saraevo

МАНЧЕСТЕР (АА) - Сер Алекс Фергусон, легендарниот поранешен тренер на Манчестер Јунајтед, се врати на Олд Трафорд, првпат по итната операција што ја имаше на почетокот на мај поради излив во мозокот, јавува Anadolu Agency (AA).

Фергусон стигна на „Театар на соништата“ пред денешниот натпревар од шестото коло во Премиер лигата меѓу Манчестер Јунајтед и Вулверхемптон Вондерерс.

Кон крајот на јули, преку клупската интернет-страница упати видеопорака во која им се заблагодарува на луѓето од целиот свет за големата поддршка што ја добил во текот на рехабилитацијата. Тогаш вети дека ќе се врати на Олд Трафорд.

„Пред сѐ, му се заблагодарувам на медицинскиот персонал на болницата „Селфорд Ројал и Александар“ во Маклсфилд. Верувајте ми, да не беа тие луѓе, кои ми подарија големо внимание, денеска немаше да седам тука. Ви благодарам во мое име и во име на моето семејство. Многу ви благодарам“, порача Фергусон, и продолжи:

„Поради тоа се чувствував смирено, како и поради пораките што ги примав од целиот свет, во кои сите ми посакуваа сѐ најдобро. Тие добри желби одекнуваат многу силно во мене. Ви благодарам за поддршката што ми ја дадовте. На крај, ќе се вратам во текот на сезоната да ја следам екипата. Во меѓувреме сѐ најдобро на Жозе Мурињо и тимот. Ви благодарам многу.“

Манчестер Јунајтед преку Твитер ги повика навивачите да дојдат на денешната средба со Вулверхемптон и на своите места да бидат 15 минути пред почетокот, за да го поздрават враќањето на трибините на легендарниот тренер.

Фергусон, во текот на својата тренерска кариера ги водеше екипите на Ист Стерлингшир, Сент Мирен, Абердин, репрезентацијата на Шкотска и Манчестер Јунајтед. Освои 49 трофеи, од кои 38 со екипата на Јунајтед. На клупата на овој славен клуб од Олд Трафорд беше 26 години, а во пензија замина во 2013 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.