Ekipa
01 Февруари 2018•Ажурирај: 02 Февруари 2018
СЕУЛ (АА) - Севернокорејските спортисти слетаа на аеродромот во Јужна Кореја, каде ќе учествуваат на Зимските олимписки игри. Со ова се намали напнатоста поради нуклеарната програма на Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во 32-члената делегација на Северна Кореја што пристигна денес, имаше десетмина спортисти кои беа повикани да учествуваат во алпско скијање, скијачко трчање, уметничко лизгање и брзо лизгање на кратки патеки на олимписките стадиони во Пјонгчанг.
Уште претходно, 12 севернокорејски хокејашки се наоѓаат во Јужна Кореја за подготовките на заедничкиот олимписки тим на двете земји.
Двете Кореи планираат неколку гестови на помирување за време на Зимските олимписки игри. Сеул во тоа гледа можност да ја заживее комуникацијата со Северна Кореја, по периодот на зголемени тензии и дипломатски блокади поради нуклеарната програма и тестирањето ракети од страна на Пјонгјанг.
Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот Пјонгчанг ќе се одржат од 9 до 25 февруари оваа година.