Alma Dekovic
19 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Реал Мадрид и Милан се првите полуфиналисти во УЕФА Лигата на шампиони во фудбал, јавува Анадолу.
Реал синоќа на гостински терен во Лондон го совлада Челси со 0:2, со истиот резултат со кој славеше и во првиот натпревар од четвртфиналето минатата недела.
Првото полувреме заврши без погодоци, а Реал успеа да поведе со 0:1 во 58. минута со голот на Родриго. Гостите го зголемија водството на 0:2 во 80. минута, а стрелец повторно беше бразилскиот интернационалец.
Италијанското дерби меѓу Наполи и Милан, што се одигра на стадионот „Диего Армандо Марадона“ во Наполи, заврши без победник (1:1), но пласман во полуфиналето обезбедија гостите, кои во првиот натпревар извојуваа минимална победа од 1:0.
Милан имаше можност да премине во водство во 21. минута, но Алекс Мерет го одбрани ударот од белата точка на Французинот Оливје Жиру.
Сепак Милан успеа прв да премине во водство во 43. минута со погодокот што го постигна Жиру на асистенција на Португалецот Леао.
Наполи не успеа да го изедначи резултатот во 82. минута бидејќи голманот на Милан, Мајк Мењан го одбрани пеналот што го изведе Грузиецот Хвича Кварацхелија. Сепак домаќините успеаја да го израмнат резултатот на 1:1 во судиското продолжение преку Виктор Осимен, но тоа не беше доволно за пласман во полуфиналето на Лигата на шампиони.
Вечерва на програмата се преостанатите два возвратни дуели од четвртфиналето на Лигата на шампиони. Баерн Минхен на стадионот „Алијанц Арена“ го пречекува Манчестер Сити кој има предност од 0:3 постигната на првата средба, а во вториот дуел Бенфика му гостува на Интер на стадионот „Џузепе Меаца“, средба на која Интер има предност од два гола, постигната на првата средба.