Gamze Türkoğlu Oğuz
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Џон Коутс, заменик-претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), изјави дека Олимписките игри во Токио, според планираното, следната година ќе започнат на 23 јули, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За Олимписките игри во Токио, што е планирано да се организираат на тема „обнова“, поради големиот земјотрес што ја погоди Јапонија и цунамито што следуваше по него во 2011 година, Коутс изјави дека тие ќе се организираат „со или без Ковид“, именувајќи ја оваа олимпијада како „Светлина на крајот од тунелот и игри што ја победија короната“, се вели во веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), цитирајќи ја француската агенција АФП (AFP).
Тоширо Муто, висок раководител (CEO) во Организацискиот комитет на Токио 2020, истакна дека Олимписките игри во Токио ќе може да се организираат во јули со ограничен број гледачи, церемониите за отворање и затворање на игрите ќе бидат поедноставени, додавајќи дека делегациите и членовите на земјите учесници на Олимпијадата ќе бидат со намален број.
Од друга страна, Јоширо Мори, претседателот на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио, во април изјави дека доколку не постои можност игрите да бидат одржани ниту во 2021 година, тогаш ќе бидат принудени да ги одложат.
Во рамките на одржувањето на Олимписките игри Токио 2020 беше планирано да учествуваат приближно 200 земји со повеќе од 11.000 спортисти.
Меѓународниот олимписки комитет донесе одлука да ги одложи Олимписките игри во Токио, што беа планирани да се одржат во периодот од 24 јули до 9 август, за 23 јули-8 август 2021 година поради здравствените проблеми што би можеле да настанат како последица на присутната пандемија на Ковид-19.