Fatih Erel
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Трката на Формула 1 за Големата награда на Кина претходно закажана за април е одложена поради појавата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Откако кинеските организатори официјално побараа одложување, трката закажана за 17 - 19 април е одложена“, се вели во денешното соопштение на Формула 1.
„Во услови на постоечката загриженост и со прогласувањето на коронавирусот за глобална здравствена опасност од страна на Светската здравствена организација, Формула 1, заедно со раководното тело на ФИА [Меѓународната федерацијата за автомобилизам], заеднички донесоа одлука да го прифатат барањето за одложување со цел да се заштити здравјето и безбедноста на персоналот, учесниците во Првенството и фановите“, истакнаа од Формула 1.
„Формула 1 и ФИА ќе продолжат со блиската соработка со тимовите, промоторите на трките, автомобилските и мотоциклистичките спортови на Народна Република Кина и со локалните власти за следење на развојот на ситуацијата, и за понатамошно утврдување на можни датуми за одржување на трката во текот на годината“, додаваат од Формула 1.
И мото-трката во Формула Е во Сања, Кина, што требаше да се вози на 21 март, исто така е одложена на неодредено.
Многу национални и меѓународни спортски натпреварувања во Кина се одложени, па дури и откажани поради појавата на коронавирусот во земјата, од кој починаа над 1.000 луѓе.