БУЕНОС АИРЕС (АА) - Угледниот аргентински новинар Факундо Пастор изјави дека неодамнешната смрт на поранешниот фудбалски ас Диего Армандо Марадона била голем удар за сите Аргентинци кои чувствуваат дека останале без некој многу близок, а сето затоа што смета дека Марадона бил симбол и гордост на Аргентина, и дека и таа за него го претставувала истото, пишува Агенција Анадолија (АА).
Марадона почина на 25 ноември, а за неговото заминување за АА зборуваше адвокатот и новинар Пастор кој води телевизиски програми и го води навивачкото списание на фудбалскиот великан Ривер Плејт.
ПРАШАЊЕ: Како се чувствувавте по сознанието за смртта на Марадона?
ОДГОВОР: Сите нас нѐ потресе таа вест, нѐ растажи и запрепасти. Иако тоа можевме да го очекуваме поради претходните вести дека е блиску до смртта, сите ние како народ мислевме дека Марадона е бесмртен и дека никогаш нема да умре. Меѓутоа, дојде денот кога таа вест беше објавена и ние сѐ уште се обидуваме да се помириме со тоа.
ПРАШАЊЕ: Што претставува фудбалот за Аргентина и нејзиниот народ?
ОДГОВОР: Фудбалот за Аргентинците претставува сѐ, тоа е дел од идентитетот на аргентинскиот народ. Фудбалот е дел од семејното наследство на сите нас. Фудбалот не е само она чувство кога одиме на натпревари, тој е дел од нашата историја, па дури и некој вид наш Устав.
Фудбалот со толку важно место во општеството ни го донесе Марадона и тој е второ име за фудбалот.
ПРАШАЊЕ: Што претставува Марадона за народот на Аргентина?
ОДГОВОР: Доколку се согласуваме дека Аргентина е фудбал, а Марадона второ име за фудбалот, тогаш Марадона е Аргентина, а Аргентина е Марадона. Неговата смрт беше голем удар. Тоа е како секој да изгубил некого од најблиските.
Целиот свет чувствува дека Марадона станал дел од секое семејство и од историјата. Затоа целиот свет плачеше со нас. Поради Марадона се гушнаа и заедно плачеа навивачките ривалски тимови на Бока Јуниорс и Ривер Плејт. По погребот се собраа оние од аргентинскиот фудбал за кои се сметаше дека е невозможно да бидат на исто место. Тоа можеше да го предизвика само Марадона.
ПРАШАЊЕ: Како Марадона ја придоби љубовта на пошироката јавност, и покрај неговите остри политички ставови?
ОДГОВОР: Марадона целиот свој живот беше предмет на дискусија. Кај народот предизвика и љубов и омраза. Сепак, сите го сакаа и ќе го сакаат. Луѓето ја сакаа неговата искреност, отвореност. Секогаш беше на страната на послабиот, а не на посилниот. Ова е земја на работници и обични луѓе, а Марадона ги претставуваше токму таквите луѓе. Сето тоа се преточи во страст за фудбалот.
ПРАШАЊЕ: Која е врската меѓу голот кој Марадона го постигна за Англија во 1986 година и Малвинската војна која Аргентина и Велика Британија ја водеа поради спорот за Фолкландските Острови ?
ОДГОВОР: Тој меч беше момент кога Марадона тропна на вратите на срцата на сите Аргентинци и кога сите тие врати му беа отворени. Тоа се случи четири години по Малвинската војна, кога Аргентина и Велика Британија не беа во војна, туку се најдоа на спротивните страни на фудбалскиот терен. Марадона беше двоен стрелец, еден регуларен, обичен и вистински и еден нерегуларен, необичен и натприроден. Еден од головите е постигнат со Божја нога, а другиот со Божја рака и Марадона така се всели во срцата на сите Аргентинци. Марадона неколку недели по тој меч изјави дека на терен мислел на децата убиени во Малвинската војна и дека тоа дополнително предизвикало емоции меѓу луѓето.
ПРАШАЊЕ: Како ја коментирате љубовта која Марадона ја имаше и надвор од Аргентина?
ОДГОВОР: Марадона ја освојуваше љубовта и надвор од границите на Аргентина, па дури и Англичаните го сакаа. Ми изгледа дека моментално најмногу се зборува за тоа дека со заминувањето на Марадона, Аргентина останала без својот важен дел. Можеме тоа и да го прошириме и да кажеме дека со Марадона починал и важен сегмент од светскиот фудбал и светот воопшто. Затоа целиот свет плаче и на Марадона се оддава почест на сите стадиони. Можеме да кажеме дека светот стана потажен.
ПРАШАЊЕ: Што е тоа што Марадона го однесе во зависност од дрогата?
ОДГОВОР: Мислам дека е тоа тема и темна страна на Марадона за која ни е тешко да зборуваме. Марадона на 16 години мораше да ги издржува своите родители и помладите браќа. Тоа беше преголем притисок за 16-годишно момче. Тој растеше и стана милионер. Светот му беше под нозе, не можеше повеќе да чекори во јавноста, ја изгуби слободата. Немаше нормален живот и тоа го однесе во светот на наркотиците. Сметам дека тоа беше меч во кој Марадона никогаш не успеваше да победи. Прво наркотиците, потоа алкохолот, тој се бореше многу со тие пороци. Ја победи дрогата, но почина без победа над алкохолот. Мислам дека тие пороци беа обиди за неговото бегство од реалноста и на моменти да не биде Марадона. Требаше да научи да се носи со својот живот, токму како што се вели и во песните кои се пишувани за него.
ПРАШАЊЕ: Кога Марадона беше најсреќен?
ОДГОВОР: Марадона беше многу среќен на почетокот од својот живот, додека во родниот кварт Вила Фиорито трчаше по фудбалската топка... Беше среќен и кога се ожени со поранешната сопруга Клаудија, кога му се родија ќерките, кога примаше други деца. Беше среќен и кога стана дедо. Секако дека беше среќен и кога го освои Светското првенство. Среќен беше и кога се врати во фудбалот и барем накратко се спаси од светот на пороците. Може да се каже дека ретки беа моментите кога тој беше во потполност среќен. Сметам дека било тешко да се биде и Марадона и среќен во исто време.
ПРАШАЊЕ: Марадона од сиромашен кварт стигна на светскиот трон. Колку тоа имаше одраз на неговата личност?
ОДГОВОР: Беше тешко да се помине патот кој го помина Марадона. Од квартот на периферија тргна и стигна во претседателските палати, се дружеше со славни личности, беше на „Оксфорд“ и го прошета целиот свет, а секаде го чекаше црвен тепих. Мислам дека е неминовно тоа да не се одрази на човек. Животот на Марадона понекогаш се менуваше на добро, а понекогаш на лошо и на некој начин почина како жртва на самиот себеси.
ПРАШАЊЕ: Што мислите за истрагата која е започната по смртта на Марадона?
ОДГОВОР: Во Аргентина е започната истрага по смртта на Марадона. Се истражува дали докторите кои биле одговорни за неговото лекување и хоспитализација, постапувале правилно. Марадона почина поради престанок на работата на срцето, но Аргентинското обвинителство ја истражува причината за тоа, дали имал адекватна лекарска нега, дали имало пропусти по операцијата на мозокот. Целта на истрагата е да се откријат одговорите на прашањата како Марадона починал и зошто бил сам, зошто лекарите лошо го третирале, зошто тој буквално бил напуштен од сите и кој дозволил да почине.
ПРАШАЊЕ: Дали мислите дека можеби постои нешто што лекарите го правеле погрешно?
ОДГОВОР: Лично мислам дека денеска не би го правеле ова интервју доколку Марадона имал адекватно лекување. Мислам дека не би зборувале на оваа тема. Веројатно тој уште долго би живеел и не би починал.
ПРАШАЊЕ: Изгледа дека Марадона во последно време бил сам, можеби така сакал. Што мислите Вие за тоа?
ОДГОВОР: Дали Марадона бил сам по своја волја или го оставиле сам е добро прашање. Мислам дека постои и едното и другото. Јас мислам дека него го оставиле сам, а дека тој и тој се оддалечил од семејството, ќерките и пријателите. Тоа беше лошо за неговата состојба. Сето тоа можеше да се спречи, но заврши во тажна смрт.
ПРАШАЊЕ: Како ќе биде поделено неговото наследство?
ОДГОВОР: Марадона почина и започната е истрага за тоа, но наскоро ќе зборуваме колкаво богатство оставил зад себе. Ќе зборуваме колку пари оставил, колку фирми. Имаше бизниси во Венецуела, Италија, Куба и Аргентина. Мислам дека ќе биде вистинска војна за поделба на тоа богатство. Никој не знае колку пари имаше Марадона, некои велат 100 милиони долари, некои помалку, а некои и половина милијарда. Никој не знае каде се тие пари. Една година пред смртта тој им се налути на ќерките и рече дека ништо нема да им остави. Меѓутоа, тоа не е возможно. Човек може дел од богатството да подари некому, но не и сѐ. Никој не знае дали Марадона напишал тестамент. Сето тоа ќе биде предмет во судниците во Аргентина, но и во сите земји во кои Марадона живеел и работел.
ПРАШАЊЕ: Дали Марадона беше среќен во моментот на смртта?
ОДГОВОР: Не. Не почина среќен. Можам да кажам дека Марадона почина тажен и сам. Сега можете да прашате зошто е тоа така.
Покрај тоа што се оддалечи од своето семејство и семејството од него, јас мислам дека беше тажен и што беше далеку од фудбалската топка. Марадона поради здравствени проблеми веќе долго не можеше да игра фудбал ниту рекреативно на начин на кој тоа го прават неговите врсници.
Марадона беше несреќен поради смртта на своите родители и поради тоа што не можеше да трча по топката. Имаше неверојатен однос со родителите. По нивната смрт падна во депресија, шок и долго плачеше. Ги споменуваше во сите интервјуа. Мислам дека се помири со сопствената смрт во моментот кога сфати дека повеќе нема родители и дека повеќе никогаш нема да може да игра фудбал. Се осами, тогаш беше подложен на операција на мозокот и мислам дека тогаш се одлучи дека му е доста од овој живот.

Сметам дека Марадона е многу сакан, но и многу осудуван. Тоа се зборовите на аргентинскиот писател Роберто Фонтанарос, на кого често се потсетувам. Тој рече дека не го интересира што Марадона правел во својот живот, туку каков ефект оставил на неговиот.
Марадона ги промени животите на нас, навивачите. Ни донесе многу радост. Денес да можам да го погледнам во очи и да можам нешто да му кажам, би му рекол - ти благодарам за сѐ што ни овозможи.
news_share_descriptionsubscription_contact
