Bojana Stojanovic
23 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
БЕЛГРАД (АА) - Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, е позитивен на коронавирусот, тој нема никакви симптоми, а ќе остане во самоизолација наредните 14 дена, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Веднаш по пристигнувањето во Белград отидовме на тестирање. Мојот и резултатот на Јелена се позитивни. Децата се негативни. Сè што правевме во изминатиот месец правевме со чисто срце и искрени намери. Нашиот турнир беше од хуманитарен карактер со идеја да им помогнеме на тенисерите од регионот, да им овозможиме услови да играат, да остварат приходи и на тој начин полесно да го пребродат овој тежок период“, наведува Ѓоковиќ во писмената изјава.
Ѓоковиќ рече дека во исто време сакал да испрати порака за солидарност, почит и фер игра.
„Целта беше и да им помогнеме на добротворните фондации и на оние на кои помошта им е најпотребна и мило ми е што голем број луѓе се приклучија на иницијативата. Организиравме турнир во моменти кога вирусот ослабе, верувајќи дека се исполнети условите за негово одржување“, додава тој.
Наведе дека му е исклучително жал за секој заразен поединечен случај.
„Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека бројот на заразени нема да се зголеми. Се надевам дека нема да се искомплицира ничија здравствена состојба и дека сите ќе бидат добро. Јас ќе останам во самоизолација наредните 14 дена и ќе го повторам тестот за пет дена“, заклучи тој.