ИСТАНБУЛ - Светот на спортот тагува по кошаркарската легенда, НБА-играчот Коби Брајант, кој заедно со неговата 13-годишна ќерка Џана загина во хеликоптерска несреќа, пишува Агенција Анадолија (АА).
Брајант (41), во текот на целата своја кошаркарска НБА-кариера го носеше дресот на Лос Анџелес Лејкерс, со кој оствари безброј успеси и постигна голем број рекорди.
Коби освои 5 НБА-шампионски титули со екипата на Лос Анџелес Лејкерс, а 18 пати беше избран за Ол-стар. Во 2008 година е носител на титулата МВП (најкорисен играч) за стандардниот дел од натпреварувањето во НБА, а во 2009 и 2010 стана МВП на плејоф-натпреварите. Во американскиот национален дрес освои златен медал на олимпијадите во Пекинг 2008 и Лондон 2012 година. Неговата смрт во жалост го зави светот на спортот.
Други настани во кои спортисти, што како Коби Брајант неочекувано, поради несреќа, убиство или неочекувано нарушување на здравјето на спортските терени, ги загубија своите животи се:
- Уривањето на авионот на Емилијано Сала -
Аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала два дена по остварувањето на својот најзначаен трансфер во кариерата загина во авионска несреќа во јануари минатата година.
Пилотот на авионот, Дејвид Ајботсон, и 28-годишниот Сала на 21 јануари вечерта од францускиот град Нант полетаа кон Кардиф, главниот град на Велс, но додека летале над Ла Манш ја загубиле контролата и се урнале во водите на теснецот меѓу Франција и Велика Британија.
Дури по две недели од несреќата можеше да се извлече урнатиот авион, во кој се наоѓаше телото на аргентинскиот фудбалер, а неговата идентификација траеше 4 дена.
Сала со постигнатите 12 погодоци во првиот дел од натпреварувачката сезона, во тој период се најде меѓу 5-те најдобри голгетери во француската фудбалска прва лига Серија 1. На 19 јануари англискиот премиерлигаш Кардиф Сити за сума од 15 милиони фунти, што е клупски рекорден трансфер, го откупи Сала, кој во оваа екипа премина од француски Нант.
- Хеликоптерска несреќа што го растажи Лестер сити -
Лестер сити, еден од членовите на Премиер лигата во Англија, во октомври 2018 година во хеликоптерска несреќа го загуби сопственикот на клубот, Вичај Сриваданапрабха, чиј хеликоптер се урна на паркингот од клубот.
Приватниот хеликоптер на Сриваданапрабха вечерта на 27 октомври, по натпреварот Лестер сити - Вест хем јунајтед, веднаш по полетувањето се урна на клупскиот паркинг покрај стадионот „Кинг пауер“. Во несреќата покрај Сриваданапрабха животот го загубија уште 4 лица, меѓу кои и пилотот на хеликоптерот.
Сриваданапрабха во 2010 година го купи Лестер сити за 39 милиони фунти и со скромниот клупски буџет во сезоната 2015-2016 ја освои титулата во Премиер лигата. Британскиот печат го опиша тоа како „остварување на приказните од бајките“.
- Екипата на Шапекоенсе -
Фудбалерите на бразилскиот прволигаш Шапекоенсе и неговата техничка екипа на 29 ноември 2016 година доживеаја авионска несреќа над градот Меделин во Колумбија.
Авионот се урна на падините од планината, при што во несреќата животот го загубија 71 лице од 77, колку што се наоѓале во авионот (68 патници и 9 членови на екипажот). Од оваа авионска несреќа живи се извлекоа фудбалерите Алан Рушел, Елио Нето и Жаксон Фолман.
Екипата на Шапекоенсе патуваше на првиот финален натпревар против Атлетико национал од Јужноамериканскиот клупски куп.
- Починаа за време на снимање телевизиска програма -
Француските спортисти Камил Мифа, Флоранс Арто и Алексис Вастин починаа во хеликоптерска несреќа до која дојде во близина на Андите, кои се наоѓаат на границата меѓу Аргентина и Чиле.
На 10 март 2015 година, се судрија два хеликоптера што ги превезувале членовите на екипата, која ја снимала телевизиската шоу-програма „Dropped“. Покрај тројцата спортисти, животот го загубија уште 7 лица.
Мифа (25) е освојувачка на златен олимписки медал од Лондон во слободен стил на 400 метри и носителка на златниот медал од Светското првенство на куси патеки во 2010 година во слободен стил на 200 метри. Арто (57), која го носеше прекарот „Атлантска невеста“ во 1990 година е победник на „Рут де Рум“, што важи за една од најтешките трансатлантски трки со едрилици. Вастин (28) е освојувач на бронзен медал во полусредна категорија на Олимпијадата во Пекинг 2008 година.
- Атентат на боксер од Киргистан -
Поранешниот европски кикбокс-шампион, Киргистанецот Руслан Абасов, загина во атентат извршен врз него на 27 март 2014 година, кога во неговото возило беше поставена бомба. По експлозијата што се случи на 800 метри од неговиот дом во главниот град Бишкек, Абасов од страна на неговите сограѓани бил пренесен во болница, но поради губење големо количество крв тој почина. Во болница била пренесена и неговата сопруга, која беше повредена во експлозијата.
Експлозивот што бил поставен под возачкото седиште на возилото на Абасов отворил голема дупка во тој дел од автомобилот.
- Спортисти што починаа во текот на автомобилски трки -
На трката што ја организираше Националната асоцијација за автотрки со автомобили (NASCAR), одржана на 10 август 2014 година, по доживеаниот судир, 20-годишниот возач Кевин Вард го напушти своето возило и излезе на пистата. Во тој момент на патеката наиде Тони Стујарт, пилотот на Стујарт - Хаас, кој удрил во Вард, по што тој починал.
Возилото со број 14 со кое управувал Стујарт и возилото со број 13 со кое управувал Вард имале контакт во кривината. Вард, кој во кривината влегол од надворешна страна, удрил во ѕидот на патеката, по што останал надвор од трката. Вард нервозен што морал да ја напушти трката, излегол на патеката и почнал да пешачи по неа за да го најде Стујарт, кого го сметал за одговорен за тоа што неговото возило било уништено, но бил прегазен на патеката. Дваесетгодишниот Вард починал во амбулантното возило додека бил пренесуван во болница.
Во досегашната историја на одржувањето на рели- трката „Дакар“ животот го загубија 28 возачи. Во 8. етапа на оваа трка што се одржа во 1991 година, францускиот возач Шарл Кабан, кој се натпреварувал во категоријата камиони, бил убиен во селото Кадеуан во Мали при судир на Војската и бунтовниците од племето Туарег. По убиството на Кабан беа откажани останатите две етапи.
Лорен Жежен за време на трката во 1996 година со камионот, додека напредувал низ пустините во Мароко, налетал на напуштено минско поле што го поставила мароканската Војска. Возилото на францускиот возач се запалило од експлозијата на мините, а Жежен не успеал да се извлече жив од оваа несреќа.
- Јавачот почина, коњот стигна прв на целта -
Џокејот Френк Хејс (35) на 4 јуни 1923 година учествуваше на трката со водени препреки организирана во паркот „Белмонт“ во Њујорк, при што доживеал срцев удар и го загубил животот.
Неговиот коњ „Свит Кис“ заедно со починатиот Хејс ја завршил трката како победник, со што на целата трка ѝ дал уште поголема драма. Колку што е познато, Хејс е единствениот спортист кој „починат успеал да победи“.
- Смртта ги изненади во вода -
Американецот Франсис Крипен, кој во 2009 година беше трет во светот, на 23 октомври 2010 година зеде учество во трката на 10 километри на отворено што се одржуваше во градот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати.
Откако беше забележано дека Крипен, кој беше победник на претходната трка одржана во Мексико, не пристигна на целната линија, започнаа активностите за негово пронаоѓање. По час и половина, на 500 метри од целта откриено е телото на 26-годишниот пливач. Откриено е дека причина за неговата смрт се срцева аномалија и астма поврзани со тешките услови на трката.
- Радоста од постигнатиот гол го чинеше живот -
За време на натпревар на индиската фудбалска лига меѓу Ветлејен Венгтланга и Чанмари Вест, фудбалерот Питер Бјанксангзуала (23) радувајќи се поради постигнатиот погодок, се повреди и почина во болницата во која бил префрлен.
На натпреварот што на 20 октомври 2014 година се играше во градот Хавзави, Бјанксангуала во 62. минута од натпреварот го постигна изедначувачкиот погодок за Венгтланга. Прославувајќи го погодокот, Бјанксангзуала почна да изведува неколку салта, но при последното лошо падна на земја и остана неподвижен. Тој веднаш беше префрлен во болница, но таму е утврдено дека претрпел тешка повреда на ’рбетниот столб. По 5 дена во Одделот за интензивна нега 23-годишниот Бјанксангзуала почина.
Друг тажен момент за светскиот фудбал беше 27 октомври 2014 година. Сензо Мејива, капитен и голман на репрезентацијата на Јужна Африка, беше убиен од страна на две вооружени лица во домот во Вослурус, во близина на Јоханесбург. Јужноафриканскиот репрезентативец Мејива имаше 27 години.
news_share_descriptionsubscription_contact
