Şenhan Bolelli
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
МАДРИД (АА) - Во финалето на Купот „Либертадорес“, кој претставува најзначајно фудбалско клупско натпреварување во Јужна Америка, се сретнаа две аргентински ривалски екипи, тимовите на Ривер плејт и Бока јуниорс. Освојувач на Купот „Либертадорес“ е екипата на Ривер плејт, која го совлада Бока јуниорс со резултат 3:1, јавува Anadolu Agency (AA).
Реванш-средбата од финалето беше на двапати одложувана од безбедносни причини, за на крај да се одигра на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во главниот град на Шпанија, Мадрид.
Фудбалерите на Бока јуниорс пропуштија неколку одлични можности во првото полувреме. Пред крајот на првото полувреме, Дарио Бенедето постигна погодок во 44. минута за водство на Бока јуниорс од 1:0.

Во второто полувреме играчите на Ривер плејт ги интензивираа своите напади, по што Лукас Прато со погодокот во 68. минута од средбата изедначи на 1:1. Прато со 5 погодоци истовремено е и голгетер на Купот „Либертадорес“. Со овој резултат заврши регуларниот тек на средбата.
Големо славје на стадионот во Мадрид настана во 109. минута од натпреварот, кога Хуан Кинтеро постигна погодок со кој Ривер плејт поведе со 2:1, а во 120. минута, Гонзало Мартинез ги постави конечните 3:1.
Со оваа победа Ривер плејт ја освои четвртата титула „првак на јужноамериканската фудбалка клупска лига“. Екипата на Бока јуниорс претходно 6. пати ја има освоено оваа титула, додека Атлетико индепендијанте е аргентински клуб кој 7 пати успеал да го освои Купот „Либертадорес“. Со оваа победа на Ривер плејт и освојувањето на Купот од страна на една аргентинска екипа, уште повеќе се зголеми разликата меѓу ривалството што постои меѓу клубовите од Аргентина и Бразил. Во досегашните натпреварувања, тимовите од Аргентина го освоиле Купот „Либертадорес“ 26 пати, додека екипите од Бразил 18 пати.

Првата средба е одиграна пред две недели на стадионот на Бока јуниорс „Ла бомбониери“. Средбата заврши со резултат 2:2, но ја одбележаа голем број немири, поради кои реванш-средбата од Буенос Ариес се пресели во „далечниот“ Мадрид.
Имено, навивачите на Ривер плејт го нападнаа автобусот со играчите и стручниот штаб на Бока јуниорс. Тоа не е прв таков инцидент во 105 години долгата и турбулентна историја на ривалство меѓу двата аргентински клуба.

Шпанската полиција презеде големи безбедносни мерки на стадионот и околу него, за што се ангажирани 4.000 полициски службеници.
Во нормални услови реванш-средбата требаше да се одигра на 24 ноември, но таа на двапати беше одложувана, а финалето се одигра 16 дена подоцна од закажаниот термин.
Ривер плејт, освојувачот на Купот „Либертадорес“, веднаш не се враќа во Аргентина, бидејќи го продолжува своето патување кон Абу Даби, каде што ќе учествува на ФИФА Светскиот куп во фудбал.