Dejan Maksimovic
10 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
МАНЧЕСТЕР (АА) - Оле Гунар Солскјаер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, е убеден дека Пол Погба ќе остане во клубот и во сезоната 2020/21, и покрај многуте шпекулации во медиумите за неговото заминување од „Олд Трафорд“, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Францускиот фудбалер најмногу го поврзуваат со заминување во Реал Мадрид, а последните денови и за враќање во Јувентус. Но, и покрај тоа што тренерот на клубот на „кралевите“, Зинедин Зидан, е постојано заинтересиран за 27-годишниот фудбалер, Јунајтед сака да го задржи.
Во разговорот за британските медиуми, Солскјаер истакна дека се радува што наскоро ќе има можност да го здружи Погба со јануарското засилување Бруно Фернандез.
„Добрите играчи секогаш можат да изнајдат заеднички пат, па затоа е многу позитивно да се имаат и двајцата. Погба имаше тешка сезона поради повредите, но повторното започнување на сезоната му нуди шанса да ја има истата стартна позиција како и другите играчи, ако не и подобра“, смета Солскјаер.
Поранешниот фудбалер на Јувентус имаше проблеми со повредата до прекинувањето на сезоната 2019/20 поради пандемијата на коронавирусот. Поради двете повреди на зглобовите, тој само петпати беше во стартниот состав на Јунајтед во Премиер лигата.
Зидан и понатаму сака да го донесе Погба и сигурно ќе ја следи ситуацијата. Моменталниот договор на Французинот со Манчестер Јунајтед трае до јуни 2021 година, со тоа што Солскјаер има можност да го продолжи за уште 12 месеци.