Dejan Maksimovic
10 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
СЕВИЉА (АА) - Тројца фудбалери на првиот тим на Реал Бетис, според наводите во шпанските медиуми, се позитивни на коронавирусот, по опсежното тестирање што клубот го спроведе минатата недела, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Сите 20 клубови од Ла Лига ги тестираа фудбалерите, тренерите и вработените на коронавирусот пред постепеното враќање на тренинзите. Се очекува Бетис наскоро да ја потврди веста што доцна синоќа ја објавија шпанските медиуми и во која изнесоа детали за кои играчи станува збор. Триото го очекува самоизолација од две недели според упатствата на здравствените власти, што ќе биде голем удар за клубот од Севиља пред евентуалното продолжување на сезоната во Ла Лигата.
Претходно беше објавено дека за време на тестирањето позитивни на Ковид-19 биле Ренан Лоди од Атлетико Мадрид, Алекс Ремиро, голманот на Атлетик Билбао, и Јангел Ерера од Гранада.
Некои шпански клубови веќе започнаа со индивидуални тренинзи пред евентуалното продолжување на прекинатата сезона, што се очекува на почетокот на јуни.
Шпанската Ла Лига беше прекината на 12 март поради глобалната пандемија на новиот вид коронавирус. Во моментот на прекинот на сезоната, по одиграни 27 кола, лидер на табелата беше Барселона со 58 бода, два повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.