Mutlu Demirtaştan
13 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Синоќа се одиграа два натпревари во рамките на осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони во фудбал, пишува Anadolu Agency (AA).
Во првиот натпревар, францускиот претставник Париз Сен Жермен (ПСЖ) како гостин го совлада англискиот претставник Манчестер Јунајтед со резултат 0:2 и обезбеди предност пред реванш-средбата во Париз.
На стадионот „Олд Трафорд“, Манчестер го пречека тимот на Париз Сен Жермен, во кој не играа фудбалските ѕвезди Нејмар и Едилсон Кавани. Првото полувреме од натпреварот заврши без погодоци 0:0. Во 53-тата минута од второто полувреме, Преснел Кимпембе му донесе предност на ПСЖ од 0:1, додека Килијан Мбапе во 60. минута од натпреварот ги постави конечните 0:2 за гостинската екипа. Во 89. минута од натпреварот, Пол Погба го доби својот втор жолт картон, по што Манчестер остана со 10 играчи на теренот.
Италијанскиот претставник Рома, на Олимпискиот стадион во Рим го пречека португалскиот претставник Порто. Првото полувреме заврши нерешено 0:0. Николо Заниоло од редовите на Рома со своите два погодоци во 70. и 76. минута од натпреварот, му донесе предност од 2:0 на својот тим. Само 3 минути подоцна, во 79. минута, Андриан Лопез намали на 2:1, резултат со кој заврши натпреварот.
Шпанскиот голман Икер Касиљас од редовите на Порто, кој е рекордер според бројот на натпревари во Лигата на шампиони, во Рим против Рома го одигра својот 174-ти натпревар во ЛШ.
Од друга страна, за првпат во рамките на Лигата на шампиони, на натпреварот Рома - Порто беше користен системот ВАР (судиски видеоасистент).
Пред почетокот на двата натпревари, се одржа едноминутен молк во знак на почит кон аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, кој минатата недела почина во авионска несреќа.