Doga Kirmizioglu
22 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Полскиот интернационалец Роберт Левандовски, кој го носи дресот на бундеслигашот Баерн Минхен, често се споменува годинава благодарение на перформансот што го прикажува на теренот, пишува Агенција Анадолија (АА).
По лошиот почеток во Бундеслигата и поразот од 5:1 против Ајнтрахт Франкфурт, по што хрватскиот тренер Нико Ковач доби отказ, благодарение на головите што ги постигнува Левандовски, Баерн Минхен продолжува да е еден од кандидатите за шампионската титула.
Со заостанување од 4 бода зад првопласираната Борусија Менхенгладбах, Баерн Минхен се наоѓа на третата позиција во Бундеслигата. По одиграни 11 кола, со последователните погодоци во секое од нив, Левандовски ги радуваше навивачите на Баерн Минхен.
- На 11 натпревари 16 гола -
Благодарение на стабилниот перформанс кој со години го прикажува во Бундеслигата, за Роберт Левандовски, кој е еден од најдобрите голгетери во германската национална лига, може да се каже дека годинава ја живее својата „златна доба“ во својата кариера.
Левандовски постигна погодок на секој натпревар од досега одиграните 11 кола во лигата. Со овој успех го надмина рекордот на својот поранешен клупски колега, Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг, кој во сезоната 2015-2016 успеа да ги затресе мрежите на секој натпревар во првите 8 кола од Бундеслигата.
Полјакот Левандовски, кој на 11 средби постигна 16 погодоци, убедливо води во трката за голгетер на Бундеслигата пред Тимо Вернер од Лајпциг, кој се наоѓа на втората позиција со 11 постигнати погодоци.
Од почетокот на сезоната досега, Левандовски на натпреварот против Шалке 04 постигна хек-трик, против Херта Берлин, Келн и Борусија Дортмунд 2 гола, а по еднаш ги затресе мрежите на Мајнц, Лајпциг, Падерборн, Хофенхајм, Аугсбург, Унион Берлин и Ајнтрахт Франкфурт.
- Постојано е прецизен и во Лигата на шампиони -
Својата извонредна форма Левандовски ја прикажува и на натпреварите во Лигата на шампиони, постигнувајќи погодок на секој натпревар. Во УЕФА Лигата на шампиони полскиот интернационалец настапи на сите 4 натпревари, постигнувајќи 6 погодоци. Левандовски се наоѓа на второто место на листата на голгетери во УЕФА Лигата на шампиони, зад младиот талент во редовите на Салцбург, Норвежанецот Ерлинг Холанд.
Баерн Минхен се наоѓа на врвот во групата Б на УЕФА Лигата на шампиони со максимални 12 бода и загарантиран пласман во наредната фаза на ова натпреварување, а Роберт Левандовски одигра голема улога во сето тоа. Сезонава Левандовски настапи на 15 натпревари во Бундеслигата и во натпреварите на Лигата на шампиони, успевајќи 22 пати да ги затресе противничките мрежи.
Полскиот интернационалец, кој успеа да постигне еден погодок и на натпревар од германскиот куп, е еден од најсериозните кандидати за трофејот „Златна копачка“ што му се доделува на голгетерот на сезоната во Европа.
- Нова цел му е рекордот на Милер -
Левандовски кој е во врвна форма, планира сезонава да урне уште два рекорда кои се во сопственост на германската фудбалска легенда, Герд Милер.
Доколку успее да постигне погодок на уште 6 средби, Левандовски би го соборил рекордот на Милер, кој во Бундеслигата има постигнато погодоци на 16 последователни натпревари. Светскиот рекорд во погодоци на последователни натпревари го држи Лионел Меси, кој во шпанската Ла Лига успеа тоа да го стори на 21 натпревар.
Втората цел на полскиот центарфор е рекордот на Милер на најголем број погодоци во Бундеслигата во една сезона, кој изнесува 40 гола.
- Левандовски поседува голем број рекорди во Бундеслигата -
Меѓу неколкуте рекорди на Левандовски се и 317 погодоци на 447 средби во Бундеслигата, настапувајќи за екипите на Борусија Дортмунд и Баерн Минхен.
Во негова сопственост е рекордот на странски фудбалер кој постигнал најголем број погодоци во германската национална лига (218 гола). Благодарение на победата на Баерн Минхен над Волсбург од 5:1 во сезоната 2015-2016, Левандоски стана сопственик на голем број рекорди.
Во врска со споменатиот натпревар, полскиот интернационалец ги постигна сите погодоци во рок од 9 минути, при што тој стана сопственик на рекордот на најбргу постигнат хек-трик (4 минути), 4 гола (6 минути) и 5 гола (9 минути).