Dejan Maksimoviç
03 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
РИМ (АА) - Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул по синоќешниот пласман на неговиот тим во финалето на Лигата на шампионите, изјави дека имале многу среќа во реваншот против Рома и дека биле свесни за тоа. Рома во брилијантниот меч на „Олимпико“ славеше со 4 : 2, но поради поразот од 2 : 5 на „Анфилд“ немаше доволно бодови за премин, јавува Anadolu Agency (AA).
Клоп по средбата истакна дека пласманот во финалето го посветуваат на Шон Кокс, навивачот на Ливерпул, кој по нападот на навивачите на Рома пред првиот натпревар на „Анфилд“ сè уште се бори за живот во болницата.
„Ова е сто проценти финале на Шон Кокс. Пред натпреварот размислувавме за тоа и си рековме, сега сме овде, сите наши молитви и мисли се со него“, рече Клоп, додавајќи:
„Имавме многу среќа, ние сме свесни за тоа. Рома е многу силна, ги имавме таму каде што сакавме. Беа диви, растрчани и ризикуваа, така што поведовме со 2 : 1. Но, тогаш не направивме доволно во нападот, не го искористивме просторот што ни го оставија и го загубивме натпреварот.“
Ливерпул ќе игра на 26 мај во финалето на Лигата на шампионите на Олимпискиот стадион во Киев против Реал Мадрид, кој сака трета последователна титула на европскиот шампионат. „Кралскиот клуб“ ќе се бори за вкупно 13-та титула, а Ливерпул за шестата.