Elvır Hodzıc
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
ПАРИЗ - Фудбалерот на Реал Мадрид и репрезентативец на Франција, Карим Бензема, освојувач е на престижната награда „Златната топка“ (Ballon d’Or), годишна награда за најдобриот фудбалер на светот која ја доделува францускиот магазин „France Football“, известува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата на доделувањето на „Златната топка“ се одржа во парискиот театар „Шатле“, а наградата му е доделена на Бензема, кој со Реал Мадрид минатата фудбалска сезона ги освои УЕФА Лигата на шампиони и шпанското фудбалско првенство Ла лига.
Бензема беше најдобар стрелец и играч на Реал Мадрид во походот на титулата фудбалски шампион на Европа и на Шпанија со постигнати 50 голови во сезоната, од кои 15 во Лигата на шампиони.
Наградата на Бензема му ја додели Зинедин Зидан. Второпласиран на листата на „France Football“ се најде Кевин де Брујне (Манчестер Сити), а третопласиран е Садио Мане (Баерн Минхен / Ливерпул).
Фудбалерката на Барселона и репрезентативка на Шпанија Алексија Путељас ја освои „Златната топка“ за најдобра фудбалерка на светот.
Садио Мане, играч на Баерн Минхен и репрезентативец на Сенегал добитник е на наградата „Сократес“, која оваа година за првпат се доделува за социјалната посветеност на фудбалерите. Наградата е именувана по легендарниот бразилски фудбалер, лекар, филозоф и активист кој почина во 2011 година.
Шпанскиот репрезентативец и фудбалер на Барселона Гави го освои трофеот Копа, кој му се доделува на најдобриот млад фудбалер на светот.
Роберт Левандовски, играчот на Барселона и репрезентативец на Полска ја освои наградата „Герт Милер“ како најдобар стрелец на светот. Наградата за најдобар голман ја освои Белгиецот Тибо Куртоа, чуварот на мрежата на Реал Мадрид.
За најдобар клуб на светот во измината година е прогласен англискиот фудбалски тим на Манчестер Сити.
Од фудбалерите во регионот најдобро пласира на листата на најдобри играчи на светот составена од францускиот магазин „France Football“ е соиграчот на Бензема и хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ, кој го зазеде деветтото место.
Меси и Роналдо по 16 години не влегоа меѓу десетте најдобри фудбалери на светот во изборот за „Златната топка“.