Kemal Zorlak
17 Март 2018•Ажурирај: 17 Март 2018
ИСТАНБУЛ (AA) – Во Истанбул вечерва ќе биде одиграно интерконтинентално фудбалско дерби кое е едно од најголемите дерби мечеви во светот помеѓу клубовите Фенербахче и Галатасарај, што ќе биде 387. натпревар помеѓу овие два клуба, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот натпревар помеѓу Фенербахче и Галатасарај е одигран 1909 година на денешниот стадион „Улкер“, а во текот на ривалството што трае 109 години, екипата на Фенербахче беше подобра и по бројот на победи и по постигнати голови.
Во 386 одиграни натпревари Фенербахче како победник славеше 146 пати, а екипата на Галатасарај славеше во 123 натпревари. Истовремено, 117 натпревари ги одиграа нерешено. Фенербахче постигна 532 гола, а Галатасарај 482.
Кога се во прашање средбите во рамки на турската Супер лига, истанбулските ривали одиграа вкупно 121 натпревар, од кои Фенербахче славеше во 50, Галатасарај во 33, а 38 натпревари завршија со изедначен резултат.
Кога станува збор за последните 10 натпревари на истанбулските ривали, состојбата е изедначена. Фенер и Галата во последните 10 натпревари остварија по три победи, а четири натпревари одиграа нерешено.
Галатасарај моментално со 53 поени е водечка на табелата на турското првенство, следуваат Бешикташ и Истанбул Башакшехир со по 50 поени, додека Фенербахче е на четвртата позиција со 47 поени. Победата во овој натпревар е од голема важност за двата клуба.
Галатасарај со победата би можел значително да си го олесни патот кон уште една титула. Од друга страна, Фенербахче, исто така, ќе даде сè од себе да освои три поени на дербито за да покаже дека сè уште е во борба за првак на Турција. Сепак, она што од истанбулското дерби вечерва може да се очекува е квалитетен фудбал.