Hilmi Sever
14 Јули 2024•Ажурирај: 15 Јули 2024
БЕРЛИН (АА)
- Хилми СЕВЕР
Фудбалските репрезентации на Шпанија и Англија, денес (14 јули) ќе се сретнат во финалето на Европското првенство, кое се игра во Германија, известува Анадолу.
Вечерва со почеток во 21 часот на Олимпискиот стадион во Берлин се игра големото финале на ЕВРО 2024.
Шпанија три пати досега беше европски првак (1964, 2008 и 2012 година), а Англичаните никогаш не биле на врвот на фудбалскиот трон на Стариот континент.
Пред три години, репрезентацијата на Англија го загуби финалето на ЕВРО 2020 од селекцијата на Италија по изведувањето пенали на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Фудбалерите на Шпанија ќе се обидат да ја освојат четвртата титула европски првак, со што би станале рекордери.
Имено, Шпанија и Германија досега имаат по три триумфи на европските првенства.
Англичаните, пак, се надеваат дека за прв пат ќе ги израдуваат своите навивачи освојувајќи го Европското фудбалско првенство.
- Шпанија по петти пат во финалето
Репрезентацијата на Шпанија се пласираше во финалето откако во полуфиналето успеа да ја совлада Франција со резултат 2:1.
Ова е петто финале за Шпанија, а досега титулата европски шампион успеаја да ја освојат на првенствата во 1964, 2008 и 2012 година. На европското првенство во 1984 година во финалето беа поразени од Франција со резултат 2:0.
Покрај тоа, селекцијата на Шпанија по трет пат ќе игра во финалето на последните пет европски првенства.
- Англија во финале втор пат по ред
Во полуфиналето Англија ја совлада Холандија со резултат 2:1 и втор пат по ред се пласираше во финалето. За Англија ова е второ финале во историјата на Европските првенства.
Во своето прво финале, пред три години, на ЕВРО 2020, Англичаните загубија од Италија по изведувањето на пеналите.
Репрезентацијата на Англија играше во полуфиналето 1968 и 1996 година, но тогаш не успеаја да стигнат до големото финале.
Како и да заврши ова финале, сигурно е дека ќе бидат срушени некои рекорди, натпревар кој со нетрпение го исчекуваат фудбалските фанови ширум светот.
- Меѓусебни дуели
Репрезентациите на Англија и Шпанија досега одиграле 27 меѓусебни натпревари. Селекцијата на Англија извојувала 14 победи, Шпанија победи на 10 среедби, а три средби завршиле без победник.
За последен пат двете репрезентации се сретнаа во Лигата на нации на УЕФА на 15 октомври 2018 година. На таа средба што се одигра во Шпанија селекцијата на Англија извојува победа од 2:3.