Oktaj Omeragikj
12 Јуни 2021•Ажурирај: 13 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Денес се игра женското финале на Отвореното првенство на Франција (Ролан Гарос), вториот грен слем тениски турнир сезонава, меѓу Анастасија Пављученкова и Барбора Крејчикова, известува Агенција Анадолија (АА).
Денес, на 14. ден од тенискиот турнир што се одржува во Париз, главниот град на Франција, ќе се игра женското финале на Ролан Гарос. Во финалето се среќаваат Русинката Анастасија Пављученкова и чешката тенисерка Барбора Крејчикова.
До финалето Пављученкова, 32. рангираната руска тенисерка на ВТА-листата, дојде со победата во полуфиналето над словенечката тенисерка Тамара Зиданшек со 2:0 во сетови (7:5, 6:3).
Чешката тенисерка Барбора Крејчикова, 33. рангираната тенисерка на ВТА-листата, во полуфиналето се пласираше по победата над Марија Сакари од Грција со 2:1 во сетови (7:5, 4:6, 9:7).
Финалето на Ролан Гарос во женска конкуренција ќе започне во 15:00 часот.
- Утре во машкото финале дуел меѓу Ѓоковиќ и Циципас
Утре се игра машкото финале на Отвореното првенство на Франција, во кое силите ќе ги одмерат Србинот Новак Ѓоковиќ и Гркот Стефанос Циципас.
Во полуфиналето Ѓоковиќ беше подобар од Шпанецот Рафаел Надал, совладувајќи го со 3:1 во сетови (3:6, 6:3, 7:6 [7:4], 6:2).
Гркот Циципас до финалето стигна со победата од 3:2 во сетови (6:3, 6:3, 4:6, 4:6, 6:3) против германскиот тенисер Александар Зверев.
Машкото финале на Ролан Гарос се игра на 13 јуни (недела) со почеток во 15:00 часот.