Yunus Kaymaz
02 Јуни 2023•Ажурирај: 03 Јуни 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Тимот на Денвер Нагетс го совлада Мајами Хит со 104:93 во првиот натпревар од финалето на американската национална кошаркарска лига (НБА) во 2023 година, известува Анадолу.
Во првиот меч од финалната серија, која се игра во четири победи, во Бол Арената тимот на Нагетс, предводен од Никола Јокиќ и Џамал Мареј, на домашен терен го пречека тимот на Хит, предводен од Бам Адебајо и Џими Батлер.
Во натпреварот во кој домаќините доминираа во првите три четвртини од средбата (29:20, 30:22 и 25:21), Никола Јокиќ постигна трипл-дабл од 27 поени, 10 скока и 14 асистенции, а неговиот соиграч Џамал Мареј средбата ја заврши со дабл-дабл од 26 поени, 6 скока и 10 асистенции. Добра игра во редовите на Нагетс прикажаа и Арон Гордон со 16 поени и Мајкл Портер Џуниор со дабл-дабл од 14 поени и 13 скока.
Со одличната игра на овој натпревар, Јокиќ стана втор играч во историјата на НБА, по Џејсон Кид, кој постигнал „трипл дабл“ во својот прв натпревар во финалето на ова натпреварување.
Во редовите на Мајами Хит најуспешен играч беше Бам Адебајо, со дабл-дабл од 26 поени, 13 скока и 5 асистенции, а Џими Батлер го заврши натпреварот со 13 поени, 7 скока и 7 асистенции. Гејб Винсент постигна 19 поени, а Хејвуд Хајсмит 18 поени, но тоа не беше доволно Мајами Хит да го избегне поразот во Денвер.
Вториот натпревар од серијата од четири победи ќе се одигра на теренот на Денвер Нагетс во понеделник на 5 јуни, во 02:00 часот по средноевропско време.
Во финалето на НБА првите два натпревара се играат на терен на тимот што има подобар процент на победи во регуларниот дел на првенството. Потоа следуваат два натпревара на терен на тимот со послаб процент, по што тимовите наизменично ќе играат по еден натпревар на свој терен (2 - 2 - 1 - 1 - 1).