Dejan Maksimovic
07 Март 2024•Ажурирај: 09 Март 2024
РИМ (АА) - Двајца навивачи на англискиот фудбалски клуб Брајтон синоќа се избодени со нож во Рим, пред натпреварот што вечерва ќе се одигра во рамките на УЕФА Лига Европа, објавија италијанските и англиските медиуми, пренесува Анадолу.
Двајца мажи на возраст од 27 и 28 години, кои се ограбени во текот на нападот, успеале да се засолнат во ресторанот што се наоѓал во близина, од каде што еден од вработените повикал брза помош.
Повредените навивачи се пренесени во болница, каде што им е укажана потребната лекарска помош. Англиските медиуми објавија дека веројатно двајцата навивачи не се сериозно повредени.
Во вестите се додава дека припадници на англиската полиција се во Рим, запознати се со инцидентот и разговарале со двете лица што се избодени со нож.
Фудбалерите на Рома и Брајтон вечерва на стадионот „Олимпико“ ќе го одиграат првиот натпревар од осминафиналето на УЕФА Лига Европа.