Can Erözden
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Галатасарај склучи договор со турската енергетска компанија „Енерџиса“ за инсталирање централа за соларна енергија на покривот на својот фудбалски стадион што ќе произведува електрична енергија за комплексот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Галатасарај, Мустафа Џенгиз, претставници на клубот и извршниот директор на „Енерџиса“, Мурат Пинар, присуствуваа на церемонијата за потпишување во Арената „Турк телеком“ во Истанбул.
Џенгиз изјави дека проектот ќе даде важен придонес за клубот и се заблагодари на „Енерџиса“ за соработката.
Заменик-претседателот на Галатасарај, Јусуф Гунај, ја истакна важноста на домашната и обновливата енергија.
„Проектот ќе даде придонес за Галатасарај и за турската економија. Електраната ќе има придонес од најмалку 100 милиони турски лири (13,1 милион долари) за Галатасарај за време на нејзиниот 25-годишен животен век“, рече Гунај.
Тој додаде дека „Енерџиса“ ќе ја инсталира централата на површина од 40.000 квадратни метри на покривот и ќе раководи со неа 10 години.
По тој период, раководењето ќе го преземе Галатасарај.
Пинар истакна дека компанијата спасува 200.000 дрвја како дел од проектот и дека енергијата што ќе се произведува во домот на Галатасарај ќе може да снабдува со енергија 2.000 домаќинства.
Тој рече дека тоа е инвестиција за природата, за иднината на Турција и за идните генерации на земјата.
Пинар додаде дека „Енерџиса“ планира да го заврши проектот за 12 месеци.
Домот на турскиот фудбалски клуб Фрапорт ТАВ Анталијаспор, Стадионот „Анталија“, отворен во 2015 година, има соларни панели на својот покрив за производство на електрична енергија.
Во светски рамки, големите европски фудбалски стадиони како што се Арената на Ајакс во Амстердам „Јохан Кројф“ и стадионот на Борусија Дортмунд „Сигнал идуна парк“, исто така ја користат технологијата за обновлива енергија.