Dejan Maksimoviç
18 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
АЛМАТИ (АА)- Во екот на еуфоријата поради забраната на голем број руски спортисти да настапуваат на Летните олимписки игри во Рио Де Жанеиро поради допинг, свој коментар даде и Андреј Аршавин, некогаш сјајниот руски фудбалер, кој денес, на залезот на кариерата игра за казахстанскиот Каират. Аршавин рече дека е убеден оти во одредени олимписки спортови сите се допингуваат, јавува Anadolu Agency (АА).
Во наводниот разговор за еден казахстански веб-потал, Аршавин рекол дека во цикличните спортови во кои е неопходно постојано да се повторуваат идентични движења, невозможно е да се учествува на натпревар без допинг.
„Според моето мислење, во сите циклични спортови е неопходен допинг. Тоа едноставно не е возможно без допинг. Тука мислам на пливање, бициклизам, скијање. Мислам дека во тие спортови сите се допингуваат“, рече Аршавин и продолжи:
„Русија плаќа за своите политички одлуки, вклучувајќи го и спортот. Дали тоа е фер или не? Животот не е фер. Секако, суспензијата е голема трагедија за спортистите, особено за олимпијците. За нив Олимписките игри се како за нас, фудбалерите, светското или европското првенство. Во фудбалот тоа се случува на секои две години, заработуваме голема сума на пари, а тие не. Во некои спортови се укажува можност еднаш или двапати во животот да заработиш за да купиш стан. Секако, поради тоа разбирам зошто моментално не се во најдобра состојба“.
Аршавин во текот на својата сјајна кариера играше за „Зенит Ст. Петербург“, лондонскиот „Арсенал“, клубот „Краснодар“ и сега за „Каират“. Во дресот на репрезентацијата на Русија одигра 75 натпревари и постигна 17 гола.