03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
МИЛАНО (АА) - Чилеанскиот фудбалер Алексис Санчез летово од „Олд Трафорд“ отиде на едногодишна позајмица во милански Интер, но за британските медиуми изјави дека ниту еден миг не зажалил што пред 19 месеци дошол во Манчестер Јунајтед, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во тој период од пристигнувањето од Арсенал, тој не играше многу, а беше најплатен фудбалер на клубот со месечна плата од 400.000 фунти.
„Многу сум среќен што дојдов во Манчестер Јунајтед. Секогаш го говорев тоа. Тој е најтрофејниот клуб во Англија. Кога пристигнав во Арсенал беше фантастично, бев среќен, но Јунајтед во тој период растеше, купуваше играчи за повторно да освојува трофеи. Сакав да им се придружам и да ги освојам сите. Не жалам што отидов таму“, вели 30-годишниот Санчез.
Чилеанскиот напаѓач ова лето играше многу добро за репрезентацијата на Копа Америка и очекуваше дека ќе се избори за минутажа во клубот. Сепак, тој не одигра ниту еден натпревар ни во подготвителниот период, а ниту кога започна сезоната. Од клубот како образложение наведоа дека е повреден.
„Среќен сум кога играм за репрезентацијата. Бев среќен во Манчестер Јунајтед, но на пријателите секогаш им велев дека сакам да играм. Ако ми дозволеа да играм, ќе дадев сѐ од себе. Се случуваше да играм 60 минути, а потоа во следниот натпревар да не играм воопшто, не ја знаев причината. По Копа Америка се чувствував добро. Мислам дека таму играв добро. Потоа, дали ќе играм, зависеше од тренерот. Тој знае зошто не играв, а не јас“, истакна Санчез.
Во текот на кариерата, Санчез играше за Кобрелоа, Удинезе, Коло-Коло, Ривер Плата, Барселона, Арсенал и Манчестер Јунајтед. За „црвените ѓаволи“ одигра 45 натпревари и постигна 5 гола. Во дресот на репрезентацијата на Санчез настапи 130 пати, а постигна 43 погодоци.