Husamedin Gina
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Натпреварувачи од седум балкански земји учествуваа на третата Меѓународна спортска манифестација „ФИС ролер ски-куп“, која се одржува во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Манифестацијата започна пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Натпреварувачите, во машка и женска конкуренција, денеска се натпреваруваа на спринт-патеката долга 1,2 километар.
Утре и задутре трките ќе продолжат на дистанции од 5 и 10 километри, исто така во машка и женска конкуренција.
На денешната спринт-патека во машка конкуренција победи натпреварувачот од Србија, Милош Милосавлевиќ, со време од 1:33,48, додека во женска конкуренција првото место го освои Ања Илиќ од Србија, со време од 2:01,89.
Ставре Јада од Северна Македонија го освои третото место, а втор беше претставникот од Босна и Херцеговина, Милош Чолиќ.
Претставничката на Северна Македонија, Викторија Тодоровска, на денешниот спринт го освои третото место, а втора беше Ника Јагечич од Хрватска.
Васил Сокле, потпретседател на Скијачката федерација на Северна Македонија, во изјава за АА истакна дека овие натпревари се признати од Светската скијачка федерација, дека бодовите влегуваат во светскиот куп и дека се доста атрактивни.
„Ова се натпревари признаени од Светската скијачка федерација, така што станаа доста атрактивни. Затоа од Горно Нерези и се повлековме во град, да речам, во центарот на градското подрачје, за да биде поатрактивно во наредните години. Затоа што овие бодови, денешните и претходните на Ставре Јада и Викторија Тодоровска им донесоа учество на една олимпијада“, нагласи Сокле.
На денешниот спринт учествуваа 24 натпреварувачи во женска категорија и 32 во машка категорија од Хрватска, Босна, Грција, Романија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Од Северна Македонија на трката има 5 претставници во машка и 4 во женска конкуренција.
Според Сокле, во машка категорија во Северна Македонија најдобри резултати има Ставре Јаде, додека во женска најдобра е Викторија Тодоровска.
За тоа каков е интересот во Северна Македонија за оваа дисциплина, Васил Сокле рече дека луѓето не се запознаени многу, но дека верува дека овој тренд ќе биде прифатен.
„Ова спаѓа во нордиско трчање, затоа луѓето не се многу запознаени со ова. И затоа ја правиме оваа презентација тука. Ја искористивме оваа локација тука за подрачјето да биде поградско“, истакна потпретседателот на Скијачката федерација на Северна Македонија.
Тој, исто така наведе дека ролер-скиите се доста интересни во Скопје затоа што ги движите рацете, нозете, поточно се работи за движење на целото тело и дека тоа ќе се прифати како тренд.
„ФИС ролер ски-купот“ е организиран заедно со Агенцијата за млади и спорт, Скијачката федерација, Општина Карпош и Град Скопје.