ГРОСУПЉЕ / ЉУБЉАНА (АА) - Бакир Тиро -
Угледниот адвокат Александер Чеферин (49), претседател на Фудбалскиот сојуз на Словенија е фаворит за наследник на Мишел Платини, односно кандидат за нов претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Во изборната трка со Мајкл ван Праг, претседател на Фудбалскиот сојуз на Холандија и Ангел Марија Вилар, претседател на ФС на Шпанија го кандидираа националните федерации од скандинавските земји, а го поддржуваат соседните балкански фудбалски сојузи на Италија, Русија, Турција, Република Ирска, Унгарија...
Според последните проценки и јавни ветувања, Чеферин има поддршка од околу 30 национални асоцијации, членки на УЕФА. Нов претседател ќе стане еден од тројцата кандидати кој на Конгресот на УЕФА на 14 септември во Атина ќе собере најмалку 28 од 55-те гласа од челниците на сојузите на моќната континентална организација.
„Тешко е да се каже што ќе се случи во Атина. Засега сè изгледа добро. Поддршката што јас ја имам е искрена и во неа нема никаков интерес. Изборите се тајни (тајно гласање на Конгресот на УЕФА, заб. од авторот) и ќе видиме... Сè е можно... Јавна поддршка ми даде и Фудбалскиот сојуз на Унгарија. Во наредните денови очекуваме уште поголема јавна поддршка. Важно е тоа што сум нов кандидат во УЕФА и немам што да понудам како противуслуга. Другите двајца кандидати досега јавно се поддржани само од страна на своите сојузи“, рече Чеферин во ексклузивното интервју за Anadoly Agency (АА).
- Поддршка на сојузите од цела Европа -
Предностите во однос на Ван Праг и Вилар ги гледа и во тоа што е искрено подготвен да ги спроведе неопходните реформи во европскиот фудбал.
„Во секој случај, на светскиот и на европскиот фудбал, на ФИФА и на УЕФА им требаат промени, нови идеи. Треба да им се овозможи на младите да ги реализираат своите идеи во УЕФА и во ФИФА. Тешко некој што поминал таму 10 или 20 години да е подготвен за реформи, т.е. дека некој имал можност да го направи тоа, и потоа да рече – е сега решив дека сè ќе биде поинаку. Предноста е во тоа што сум помлад, имам нови идеи и ме поддржуваат сојузите од апсолутно сите делови на Европа. На фудбалот му треба единство, а не две големи земји да војуваат кој ќе ја преземе УЕФА“, истакна Чеферин.
- На УЕФА ѝ треба еволуција, никако револуција -
Доколку стане прв човек на европскиот фудбал, ќе има многу приоритети во работата. „Имам многу идеи и ова интервју е прекратко за да набројам сѐ. Би можел да зборувам цел ден... Но? Една од поважните работи е онаа што никако не смееме да допуштиме никакви затворени натпреварувања за елитни држави, ниту клупски, ниту репрезентативни. Апсолутно мораме да го органичиме бројот на мандатите во УЕФА. Мораме да работиме на транспарентноста, поради што УЕФА трпеше во последните години. УЕФА е добра организација, со добра администрација и потребна ѝ е еволуција, никако револуција", смета Чеферин, појаснувајќи што прво ќе направи ако стане претседател на УЕФА:
„Прв потег во смисла на менување на статутот на УЕФА и ограничување на мандатите. Тоа е првата работа што ќе ја предложам“.
УЕФА е потресена по последните скандали и суспензии на претседателот Платини. Чеферин мисли дека многу брзо ќе ја врати довербата на јавноста во УЕФА, како и дека нема да му биде тешко да го носи евентуалното бреме на наследникот на Платини.
„Најпрвин Платини направи многу и беше добар претседател на УЕФА. Многу направи за малите национални асоцијации. Тоа мораме да го знаеме. Втора работа е тоа што сликата во медиумите, особено во врска со УЕФА е претерана. Таа не е корумпирана организација во која сите се проблематични. УЕФА е добра и квалитетна организација, но има потреба некои работи да се менуваат и да се оневозможи да се случуваат како во минатото“, рече Чеферин.
Минатата недела УЕФА објави нов систем во натпреварувањата под свое покровителство за периодот од 2018 до 2021 година. Тој ќе донесе повеќе пари и профит за големите клубови, но и дополнително ќе направи да биде потежок патот на малите за да се изборат за пласман во Лигата на шампионите. Чеферин нагласува дека тоа не е компромис за големите да се откажат од барањето за формирање на таканаречената Европска супер лига во која не би имало клубови од фудбалските средни и мали земји.
„Никогаш нема да допуштам да се направи затворена суперлига, бидејќи тоа е во спротивност со моите и со идеите на екипата што ме поддржува. Треба да разговараме со клубовите за да ги вклучиме можеби во извршниот одбор на УЕФА. Да се разговара, тие се важен дел од европскиот фудбал. Меѓутоа, УЕФА да допушти затворена лига, не доаѓа предвид“, дециден е фаворитот за претседател на УЕФА.
- ЕУРО со 24 репрезентации е добар формат -
Системот за натпреварување со 24 репрезентации на европските првенства за Чеферин е добра опција. Сепак, како отворена ја остава можноста за промени кога е во прашање УЕФА ЕУРО.
„Мене овој формат ми изгледа како добар. Ми се допадна. Се разбира дека малку подолго е натпреварувањето, но и малите имаа повеќе можност да се пласираат и од финансиски аспект, добар потег на УЕФА. Меѓутоа, никогаш не се знае што е можно да се случи во иднина", вели Чеферин во разговорот за Anadolu Agency.
Обложувалниците и нивната мафија многумина ги нарекуваат „тероризам и терористи на денешниот фудбал во целиот свет“. Чеферин ветува решителна борба против таквиот вид спортска почест.
„УЕФА мора повеќе да се занимава со таканаречениот 'match fixing'. Потребно е да се направат одделенија за заштита на фудбалот и борба против меч фиксингот (местењето натпревари). Тоа е болеста на светскиот фудбал. Потребно ни е и одделение на УЕФА за безбедност. Мораме повеќе да се занимаваме и со безбедносниот аспект бидејќи ситуцијата во Европа е сѐ полоша. Исто така, антидопингот ќе го зголемиме. Треба да се работи уште на финансисикиот фер-плеј, затоа што секоја година разликата меѓу клубовите е сѐ поголема“, рече Чеферин.
Претседателот на ФС на Словенија, за кого најдобар фудбалер на сите времиња е Бразилецот Роналдо, е член и на Дисциплинската комисија на ФИФА. Има искуство во борбата против хулиганството, расизмот и националнизмот и има план како на уште поефикасен начин да ги реши проблемите на стадионите.
„Репресија не е единственото средство. УЕФА мора да се поврзе со сите 55 свои национални асоцијации. Во целата приказна треба да учествуваат и полициите на сите тие земји и дури тогаш можеме да бидеме успешни. Не може само УЕФА да ги реши тие проблеми. Потребно е преобразување и работа на промоцијата против расизмот и национализмот во сите 55 земји“, рече Чеферин.
- Борба против директното влијание на политиката -
Финансискиот фер плеј донекаде ја среди ситуацијата со потрошувачката на парите во фудбалот. Но, проблеми има уште и тие, според неговото мислење, нема да бидат решени, како што ни тврдеа со ограничување на парите при реализацијата на трансферот на играчите.
„Цифрите што сега им се исплаќаат на играчите се преголеми и нереални. Тешко е тоа да се забрани и да се ограничи. Јас сум правник и знам дека тоа не е во склад со општите прописи. Финансискиот фер плеј е гаранција дека ќе се работи долгорочно и дека клубовите нема да потрошат повеќе отколку што заработуваат. Велам, правно е проблем да се забрани колку некому да биде платено“, порача Чеферин. Тој смета дека фудбалот може да помогне во решавање на политичките проблеми, на пример на Балканот или во некои други европски региони, на релација Украина-Русија.
„Фудбалот многупати е посилен од политиката. Фудбалот е страст и може многу да помогне и во решавање на политичките проблеми. Од друга страна, поради таа фудбалска страст некогаш проблемите се уште полоши меѓу навивачите. УЕФА и ФИФА мораат заедно да работат и можат многу да направат“, нагласи Чаферин.
На прашањето дали УЕФА може во потполност да ја исфрли политиката од фудбалот, тој одговори: „Би требало, колку што можеме повеќе. Сепак, политиката е дел од нашиот живот и никој не може да мисли дека фудбалот може да биде изолиран. Директното влијание на политиката во фудбалот е нешто против коешто мораме да се бориме и мислам дека досега работиме добро“.
- Регионалната лига засега е само идеја -
„Како претседател на ФС Словенија бев учесник на голем број состаноци на Сојузот во регионот. Сѐ повеќе се споменува за во брзо време да може да се формира и регионална лига, поради што изминатите недели незадоволство искажуваат и одредени навивачки групи во Србија, Хрватска и во Босна и Херцеговина. „Не би можел да зборувам многу за тоа. Разговаравме за регионалната лига и таа не би била наместо националните лиги. Засега е само идеја. Тие клубови што нема да поминат во европските натпревари до Нова година, од Нова година би ја играле таа регионална лига и како награда би бил влезот во Лигата на шампиони или во Европската лига. Би било во интерес на клубовите да играат во тој натпревар. Сите сме против тоа што се случуваше во кошарката, кога регионалната игра се играше наместо националните. Тоа би ги уништило фудбалските лиги во регионот. Мислам дека нашата идеја не е лоша, но мора да биде во организацијата на УЕФА“, изјави Чеферин.
На прашањето од каде правник, толку високо позициониран адвокат во фудбалот и која работа е потешко да се работи, тој рече: „Добро прашање, го сакам фудбалот и го следам од Светското првенство 1978 година, кога Аргентина ја победи Холандија и најдобар играч беше Марио Кемпес. Го сакам фудбалот, иако само аматерски го играв. Адвокат сум од 1992 година. Работам кривично право 20 години и еднаш на шега реков дека сум сретнал многу потенцијални клиенти од кога сум во фудбалот”, истакна Чеферин.
- Навива за Словенија -
Освен што за Anadolu Agency (АА) откри дека за него Бразилецот Роналдо е најдобар фудбалер на сите времиња, Чеферин рече и дека најдобар тренер според неговиот вкус е Италијанецот Карло Анчелоти, шефот на стручниот штаб на Баерн. Најдобар стадион на кој бев досега, истакнува, е Алијанц Арена во Минхен. За најдобрите судии на денешницата не сакаше конкретно да зборува, истакнувајќи дека ги „има неколку”.
Семејниот човек, татко на три деца, освен мајчиниот зборува и англиски, италијански, и јазиците на кои говори народот во БиХ, Хрватска, Србија и Црна Гора, и вели дека навива само за словенечката репрезентација.
news_share_descriptionsubscription_contact
