Dejan Maksimoviç
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
СИДНЕЈ (АА) - Договорот меѓу најдобриот спринтер на сите времиња Усеин Болт (32) и фудбалскиот клуб „Сентрал кост маринерс“ нема да биде потпишан без финансиско учество на „трета страна“, објавија од австралискиот клуб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јамајчанецот, кој од атлетиката се збогува во 2017 година, е на проба во клубот од А-лигата. Од „Сентрал кост маринерс“ изјавија дека направиле предлог на договор поделен на два сегменти, фудбалски и комерцијален. Понатаму истакнаа и дека Болт нема да тренира со екипата сè додека и доколку биде постигнат договор.
Болт во првиот пријателски натпревар постигна два гола, но не беше во тимот на отворањето на сезоната во неделата против Брисбен роар (1 : 1).
„Болт со нашиот тим направи голем напредок. Сметаме дека ќе се подобри со понатамошно интензивно тренирање и играње натпревари. Ќе бараме начини како да ја продолжиме соработката, но клубот го нема луксузот за тоа. Без финансиски придонес на трета страна однадвор, мала е веројатноста Болт и Сентрал кост маринерс да се договорат околу условите“, објавија од Маринерс.
Неодамна Болт го одби двегодишниот договор кој му го понуди малтешкиот клуб „Валета“.
Еден од најдобрите атлетичари на сите времиња и понатаму држи светски рекорди на 100 и 200 метри. За време на кариерата има освоено осум златни олимписки медали, додека на светските првенства има дури 11 најсјајни одличја.