Ahmet Gürhan Kartal
24 Јануари 2022•Ажурирај: 25 Јануари 2022
ЛОНДОН (АА) - Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, денес повтори дека руската инвазија на Украина би била катастрофален чекор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на локалните медиуми, Џонсон изјави дека инвазијата ќе биде болна, насилна и крвава работа.
„Мислам дека е многу важно луѓето во Русија да разберат дека ова би можела да биде нова Чеченија“, изјави Џонсон.
Одговарајќи на прашањето за потенцијална војна, тој рече дека не е неизбежна.
„Сигурно постои многу, многу голем распон на руските сили и мораме да ги преземеме потребните чекори. Мислам дека тоа сега не е никако неизбежно, мислам дека разумот сè уште може да надвладее“, истакна Џонсон.
Британските официјални претставници постојано ја предупредуваа Русија за каков било упад во Украина.
Велика Британија денес соопшти дека од дел од вработените во британската Амбасада во Киев било побарано да ја напуштат Украина поради растечките тензии во регионот.
Џонсон минатата недела рече дека секој руски упад би бил катастрофа не само за Русија, туку и за светот.
„Велика Британија цврсто стои зад суверенитетот и интегритетот на Украина“, нагласи Џонсон.
Тој рече дека Обединетото Кралство „прави сè што е можно за да го поддржи украинскиот народ во лицето на кампањата за дезинформации од Русија, чија цел е да го поткопа нејзиниот суверен сосед“.
„Британија останува отворена за понатамошни разговори со Русија“, рече Џонсон минатата недела.