Ekipa
24 Јануари 2022•Ажурирај: 25 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) денес го осудија руското „продолжување со агресивни дејствија и закани“ против Украина и повикаа на деескалација и почитување на меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката изјава усвоена на состанокот во Брисел, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ наведоа дека европската безбедност е неделива.
„Секој предизвик на европскиот безбедносен поредок влијае на безбедноста на ЕУ и нејзините земји членки“, се вели во соопштението.
Како одговор на руските предлози за европски безбедносни аранжмани, министрите за надворешни работи ја отфрлија идејата за „сфери на влијание“, велејќи дека нема место за такво нешто во 21 век.
Тие повторија дека понатамошната воена агресија против Украина ќе има огромни последици и огромна цена за Русија и ја потврдија непоколебливата поддршка на Блокот за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
ЕУ се заложи дека ќе ја продолжи соработката со НАТО, САД и Украина.
САД, заедно со своите европски сојузници, предупредуваат дека Русија го подготвува теренот за инвазија на Украина со распоредувањето на повеќе од 100.000 војници на границата со Украина, и со распоредување на артилерија и тенкови.
Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека нејзините војници се таму за редовни вежби.
НАТО почна да го зголемува своето присуство во Источна Европа по илегалната анексија на Крим од Русија во 2014 година.
Состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ продолжува со разговори за ситуацијата во Сирија, Авганистан и Мали.