Şerife Çetin
31 Јануари 2018•Ажурирај: 01 Февруари 2018
БРИСЕЛ (АА) - Холивудската актерка и амбасадорка на добра волја на Високиот комесаријат за бегалци при ОН (УНХЦР), Анџелина Џоли, изјави дека со НАТО ќе соработува во борбата против сексуалното насилство врз жените во конфликтните зони, јавува Anadolu Agency (AA).
Џоли денес во Брисел се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а по состанокот е одржана и заедничка прес-конференција.
Џоли потсети дека прв пат го посетила седиштето на НАТО во Брисел, каде истакна дека проблемот со сексуалното насилство врз жените и децата во конфликтните зони станал проблем кој влијае на безбедноста на меѓународно ниво.
Таа нагласи дека силувањата станале оружје кое се користи во војна, за можноста да се дојде до него во конфликтните зони да биде прифатена, и оваа тема да се занемарува со оглед на тоа дека со неа е тешко да се соочите.
„Освен што претставува историска неправда, таа е многу битна тема за меѓународниот мир и безбедноста“, порача Џоли.
Џоли нагласи дека нема да биде можно да се воспостави мир доколку сексуалното насилство се користи како средство во остварување на политички и воени цели. Тоа, според нејзините зборови, влијае и на глобалната безбедност со која се занимава и НАТО.
„Разговаравме за тоа како НАТО може да влијае на јакнењето на глобалната одговорност и одвраќање од проблемите како што е прашањето насилство врз жените во конфликтните зони“, порача Џоли.
Таа изјави дека овој проблем не може да биде решен само со тоа што ќе биде заштитена жената, туку дека се работи за вредностите кои се придаваат на жените.
„Трајниот мир и безбедност е невозможно да се изградат во општествата без еднакво право и учество на жените“, изјави Џоли.
Столтенберг изјави дека иако НАТО во суштина е воен сојуз, кој е задолжен за одбрана од воените закани, тој истовремено има природа на политички сојуз кој се заснова на демократија, слобода, владеење на правото и темелните вредности.
Тој истакна дека улогата на жените во воените сили мора да биде посилна, и додаде:
„Сексуалното насилство претставува воена тактика на чија мета се жените, женските деца, мажи и машките деца. НАТО прави многу работи во борбата со овој проблем, но мора да направи и многу повеќе“.