АНКАРА (АА) - Во статија напишана од американските аналитичари за Блискиот Исток, Ендру Селф и Џаред Ферис, се открива поврзаноста помеѓу терористичките организации ПКК и ПЈД преку документите пронајдени кај терористите убиени во судири. „Податоците од загинатите во судирите го покажуваат постоењето на една воена координација од високо ниво меѓу вооружените елементи на ХПГ, ПЈАК и ЈПГ, која не може да се достигне без eдинствена команда. ПЈАК и ПЈД не се само еден поврзан елемент или дополнителна организација, тие истовремено се еден неопходен дел на ПКК“, нагласија американските аналитичари во нивниот напис, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ендру Селф, кој спроведува студии околу Турција и Блискиот Исток, и Џаред Ферис кој спроведува истражувања за Сирија и надворешните актери, во написот насловен „Мртвите луѓе не лажат: Користење на податоците од загинатите во судирите за откривање на регионалната затскриена игра на ПКК“, преку кои се открива поврзаноста на ПКК и ПЈД.
Американските аналитичари ги користеле податоците за смртта на над 2 500 припадници на ПКК, ПЈАК или ЈПГ за да ги истражат односите меѓу ПКК и елементите поврзани со неа, и како тие страни комуницираат со текот на времето на организациско ниво.
Статијата е подготвена со користење на податоците од анализата на американското Министерство за финансии за ПЈАК, извештајот на Меѓународната кризна група за ЈПГ, средбите со високите турски воени претставници, новинарите кои биле во Кандил, како и податоци од извештаите и набљудувањата на терен на истражувачите, а пред сè користени се податоци од терористите убиени во судирите. Оваа статија го документира и меѓуорганизацискиот трансфер на терористите.
Исто така, во статијата се наоѓаат докази дека постои взаемна поддржувачка врска меѓу ПКК и елементите во регионот поврзани со неа, со што се отвора дебата околу веродостојноста на тврдењата дека сите овие организации се различни една од друга.
- Дерик пред ЈПГ беше еден од основачите на ПКК -
Во статијата се наведува дека реакцијата на ПКК, ПЈД и ПЈАК околу започнувањето на граѓанската војна во Сирија е најцврстиот доказ дека овие организации се управувани од Кандил, и дека нема стратешка разлика меѓу ПКК и другите организации.
„Салих Муслим веднаш по започнувањето на протестите во март 2011 година, во април се врати во Сирија и започна со политички и воени активности. Бројни извори се согласуваат дека во овој период ПКК испрати илјада или две илјади милитанти со цел да дадат поддршка за организацијата ЈПГ, која е воено крило на ПЈД. Меѓу овие милитанти бил и еден од основачите, а воедно и командант, Кебат Дерик. Пред ЈПГ, тoj е познат како еден од основачите на ПКК, а воедно и висок командант. Иако ПЈД негира дека милитанти на ПКК се испратени во Сирија, два индикатора во податоците на загинатите во судирите потврдуваат оти една група припадници на ПКК се испратени во Сирија“, се вели во статијата.
Меѓу другото, во статијата се наведува дека по формирањето на ПЈАК, 14 отсто од загинатите припадници на Силите за народна одбрана (ХПГ), воено крило на ПКК, во 2010 година се Сиријци, додека овој процент во 2011 година е намален на 9 отсто.
„Истовремо, откако ПЈАК упати апел за примирје до иранскиот фронт, стапката на Иранци меѓу загинатите од ХПГ се зголеми за 4 отсто, и вкупниот број на загинати Иранци од 2011 до 2015 година речиси го достигна вкупниот број на загинати меѓу 2001 и 2010 година. Овие бројки ги поддржуваат наводите дека ПКК сиријските милитанти ги испраќал во Сирија со цел формирање на основниот кадар на ЈПГ. ПКК кој имал потреба од терористи на сирискиот фронт, во Сирија испрати основен кадар составен претежно од Сиријци, како поддршка за турпите на ЈПГ. Во меѓувреме, ПКК, кој се соочи со зголемениот воен притисок на фронтот во Турција, своите единици од ЈРК (YRK) ги повлече во редовите на ХПГ, и загинатите ги соопшти како загинати припадници на ХПГ. Покрај неизвесноста околу тоа дали овој статистички пораст е поврзан со намалување на бројот на Сиријците или со зголемување на бројот на Иранците, се смета дека можни се и двата фактори“, се наведува во статијата на американските аналитичари.
- Прават сè што можат да ја покријат нивната поврзаност со ПКК -
Во статијата се пренесува откритието на Меѓународната кризна група која вели дека зборот на таканаречениот лидерски кадар на ПКК во Кандил доминира во ЈПГ, и дека високиот кадар на ЈПГ се состои од терористи на ПКК кои се државјани на Сирија, се обучувале во Кандил, војувале во Турција и дури зборуваат турски јазик.
„ПЈД и ЈПГ прават сè што можат да ја покријат нивната поврзаност со ПКК. Првата причина е продолжувањето на меѓународната и регионалната поддршка за нив, а втората причина е настојувањето да го прифатат сирискиот идентитет, и на тој начин да добијат поддршка надвор од рамките на поддржувачите на ПКК. ПЈД сака себеси да се претстави како вистинска курдска партија на Сиријците, бидејќи името на ПКК е дискредитирано во 1990-тите години“, се нагласува во овој напис.
Исто така, се истакнува дека откако ДЕАШ се пренасочил кон подрачјето на Кобане, во септември 2014 година ПКК испратила 400 терористи во Кандил за поддршка на ЈПГ, и се вели: „Покрај тоа, се претпоставува дека по повикот на ЈПГ, десетици Курди со турско државјанство ја преминале границата и отишле во Кобане (Ајн ел-Арап). Иако ПКК испрати стотици свои припадници во Кобане, ХПГ во ниту еден судир во Кобане не известила за загинати припадници. Наместо тоа, известувањата за загинати во Кобане се направени од страна на ЈПГ. Покрај тоа, ПКК соопшти дека пред септември не испратила милитанти во Сирија, а околу 20 отсто од загинатите во судирите, кои не се Сиријци, се регистрирани во јуни и август. Оваа состојба покажува дека и покрај негирањата на ПКК, милитантите на ПКК кои не се со сириско потекло биле присутни во Кобане при опсадата на овој регион. Како што може да се забележи, во овој случај ПКК свесно направила обид да ги затскрие активностите надвор од Турција, како и структурната поврзаност со ПЈД-ЈПГ“.
- Терористка на ПКК испратена во Сирија од страна на лицата во Кандил -
Во оваа статија на американските аналитичари се пренесува дека случајот со терористката Арзу Адиѓузел ја открива интервенцијата на ПКК во Сирија, како и напорите тоа да го скрие.
„Адиѓузел со прекарот Џиван Амед, е припадничка на ЈПГ родена во Дијарбакир. Смртта на Адиѓузел беше соопштена на 14 август 2014 година од страна на ЈПГ. Според соопштението на ЈПГ, Адиѓузел на 17 февруари 2011 година, односно неколку месеци пред формирањето на единиците на ЈПГ во Сирија од страна на ПЈД, се вклучила во редовите на ЈПГ во Дијарбакир. Еден локален медиум од Дијарбакир ја објави приказната и фотографијата на Адиѓузел. На оваа фотографија Адиѓузел не се забележува со униформата и знамето на ЈПГ/ЈПЈ, туку со знамето и униформата на ХПГ, како и со постерот на Оџалан. Можното сценарио е Адиѓузел да се вклучи во ХПГ, и да биде испратена во Сирија од страна на лидерскиот кадар во Кандил, за да војува во редовите на ЈПГ. Од овој аспект, тврдењата на ПЈД и ЈПГ за автономија од ПКК се конрадикторни“, се наведува во статијата.
- „САД склучија соработка со еден опасен актер“ -
Во заклучокот на статијата, американските аналитичари нагласија дека кога се гледа на минатото, не е тајна дека ПКК формира елементи во регионот поврзани со неа.
„Еден важен елемент кој останал незабележлив е дека ПКК своите припадници од братските структури ги врати во редовите на ХПГ во рамките на борбата против Турција. Во овој контекст, зголемувањето на бројот и способноста на ЈПГ во последниот период, дава право за загриженост дека ПКК, која со примирјето во 2012 година и со воениот притисок од Турција слободно се пренасочи кон Сирија, ќе биде зајакната со ЈПГ и повторно ќе ја напаѓа Турција. Податоците за загинати припадници во судирите го покажуваат постоењето на една воена координација од високо ниво меѓу вооружените елементи на ХПГ, ПЈАК и ЈПГ, која не може да се достигне без единствен команден центар. ПЈАК и ПЈД не се само еден поврзан елемент или дополнителна организација, тие истовремено се еден неопходен дел на ПКК.
САД на очаен начин бара стратешки партнер во борбата против ДЕАШ и Асадовиот режим, при што склучи соработка со еден опасен актер. САД ја признаа ПЈАК како организација под контрола на ПКК, и спроведува санкции против неа, додека на ПЈД, која ја гледа како една посебна организација, ѝ нуди воена поддршка.
Сè уште е неизвесно колку САД се информирани за вистинскиот карактер на ПЈД, или до кога ќе ја толерираат конфузијата предизвикана од имињата. Јасно е дека ПКК блиско интервенирала во Сирија. Дали стратешката одлука за соработка со ПКК е или не е во корист на САД зависи од креаторите на политиките, и е надвор од рамките на оваа статија. Сепак, фактот за кој САД треба да бидат свесни е доколку продолжат со воената поддршка на ПЈД, треба да знаат дека поддржуваат една организација која долго време се наоѓа на листата на терористички организации - односно ПКК“, се наведува во статијата на американските аналитичари Ендру Сеф и Џаред Ферис, насловена „Мртвите луѓе не лажат: Користење на податоците на загинатите за откривање на регионалната затскриена игра на ПКК“.
news_share_descriptionsubscription_contact
