Ahmed Asmar
13 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
АЛ-КУДС (АА) - Израелската полиција денес воведе строги ограничувања за влез во џамијата Ал-Акса во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим), поради што џамијата остана речиси празна, јавува Анадолу.
Голем број единици на израелската полиција се распоредени во старото јадро на градот и поставени се бариери во уличките.
Управата на исламските вакафи во Ал Кудс соопшти дека израелската полиција дозволува влез во џамијата само на верници над 70 години.
Очевидци за Анадолу потврдија дека подрачјето на старото јадро на градот наликува на воена касарна, а израелската полиција забранува влез на оние кои не живеат таму.
Огорченоста кај палестинскиот народ расте низ окупираните палестински територии додека израелската Армија продолжува со нападите врз Газа.
Ситуацијата ескалираше во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата.
Военото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, во саботата наутро започна сеопфатна операција наречена „Поплава Ал-Акса“.
Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа.
Бројот на загинати Палестинци во израелското бомбардирање на Газа достигна 1.537, додека 6.612 лица се повредени.
Најмалку 1.300 Израелци загинаа, а 3.300 се повредени во нападите од Газа.