свет

Ќе бара азил во Турција: Францускиот комичар Диедон Мбала добива закани со смрт

Во разговорот за АА, Мбала тврди дека некои кругови, вклучувајќи ги политичарите, непрестајно му се заканувале, повеќепати и со смрт, а неговите демонстрации биле блокирани и се спроведувале систематски напади врз неговите лични права

Mehmet Kara  | 21.04.2021 - Обновена : 22.04.2021
Ќе бара азил во Турција: Францускиот комичар Диедон Мбала добива закани со смрт

ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ КАРА -

Комичарот од Франција, Диедон Мбала, кој доби закани со смрт, изјави дека во таа земја воопшто не му се дозволува организирање на протести поради што одлучил да побара политички азил од Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Мбала, роден во Франција во 1966 година, од татко Камерунец и мајка Французинка, е познат по своите хумористични емисии кои се темелат на критики на општеството, особено на укажувањето на проблемите на африканските имигранти.

Мбала, кој повеќепати е обвинет за „навреди и расизам“, со образложение дека зборовите кои ги користи излегуваат од рамките на слободата на изразување, смета дека е жртва на двојни стандарди.

Во онлајн разговор со новинарот на АА, Мбала тврди дека некои кругови, вклучувајќи ги политичарите, непрестајно му се заканувале, повеќепати и со смрт, а неговите демонстрации биле блокирани и се спроведувале систематски напади врз неговите лични права.

Изјавувајќи дека за него животот во Франција повеќе не е возможен бидејќи притисоците се сѐ поголеми, Мбала изјави дека сака трајно да ја напушти земјата со семејството, бидејќи му биле блокирани можностите за работа.

Тој потврди дека ги приведува кон крај правните подготовки за поднесување барање за азил во Турција и продолжи:

„Во Франција на критиката се применуваат двојни стандарди. Чувствувам дека во Франција повеќе нема слобода на изразување. Особено за луѓето како мене. Во оваа земја се прават карикатури за божјиот пратеник Мухамед и тоа има поддршка од државата, пример е „Шарли Ебдо“. Меѓутоа, освен што немам поддршка, моите демонстрации се забрануваат.“

Тој нагласи дека нема страв од можноста да биде затворен, туку му претставува проблем што не може да живее таму каде што не може непречено да работи.

„Јас сум еден од комичарите кои најмногу ги полнат салите во Франција. Постојат комичари кои не им пречат, но им служат на своите цели. Тоа се пропагандни уметници. Јас не можам да го пропагирам францускиот претседател Емануел Макрон или банката „Ротшилд“ која му даде работа“, изјави Мбала.

Мбала ги спомена безбедносните проблеми кои ги доживеал во Франција и изјави дека е многу тешко за работа за луѓе како него, бидејќи е со потекло од Африка. Како што изјави, не може да ја работи својата работа, и покрај тоа што е еден од најпопуларните комичари во земјата.

„Премиерот на Франција прави сѐ за да ги спречи моите демонстрации, го вознемируваат мојот успех и илјадниците луѓе кои доаѓаат на моите претстави. Добивав закани со смрт, дури ми се закануваа и на телевизија. Списанието „Шарли Ебдо“ систематски ме црта како мајмун, човек без мозок. Расизмот кој ми е нанесен е сличен на расизмот против муслиманите. Сега овој расизам ми стана неподнослив и е во пораст“, појасни Мбала.

Тој изјави дека подготвува писмо до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во кое ќе упати и барање за азил.

„Слободата на изразување во вашата земја е заштитена со Уставот. Чувствувам дека постои природно почитување во вашата земја, кое повеќе воопшто не го чувствувам во Франција. Поради тоа ја одбрав Турција за барање на политички азил. Вратите на Турција се отворени кон Исток и Запад и претставуваат синтеза меѓу нив. Во Турција се чувствувам поудобно отколку во Франција“, порача Мбала.

На крајот нагласи дека постојат многу силни предрасуди кон Турција и рече дека надворешната слика за Турција не ја одразува реалноста.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.