Selçuk Acar
13 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ЊУЈОРК (АА) - Њујорк, најголемиот град во САД и економски главен град во таа земја, има 8.400.000 жители. Градските власти за борбата против глувците и стаорците издвоија буџет од 32 милиона долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Општина Њујорк започна голема акција против глувците во овој град, за кои се претпоставува дека ги има околу 2 милиона.
Раководството на општината има за цел да ја намали за 70 отсто бројноста на овие глодари, штетни за човековото здравје, издвојувајќи буџет од 32 милиона долари за борба против нив.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио изјави: „Не прифаќаме глувците и стаорците да се дел од секојдневието на Њујорк“.
Блазио рече дека борбата против овие глодари ќе се води во квартовите Чајнатаун, Ист Вилиџ и Лоуер Ист Сајд во Менхетен, Бушвик и Бедфорд-Стјувесант во Бруклин и Гранд Конкурс во Бронкс.
Градот планира од септември, во рамките на борбата против глодарите, корпите за смет изработени од жица да ги замени со челични кутии отпорни на сончеви зраци.
Во подрачјето на Гранд Конкурс во Бронкс, изминатиот февруари едно лице почина од лептоспироза поради контакт со урина од глушец или стаорец.
- Голем број поплаки до Дирекцијата за здравство -
Дирекцијата за здравство на Њујорк соопшти дека од почетокот на годината, досега добиле повеќе од 10.000 поплаки во врска со глувци и стаорци.
Шефот на Комуналната хигиена, Кетрин Гарсија, им се обрати на њујорчани изјавувајќи: „Најдобриот начин за отстранување на глувците и стаорците е тие да бидат лишени од извори на храна во домовите и на улица“.
Еден студент на докторски студии при Универзитетот Колумбија, врз основа на статистичките податоци со кои располагал во 2014 година, изработи пресметка според којашто се претпоставува дека во Њујорк има околу 2 милиона глувци и стаорци.