Mehmet Alaca
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
СЕУЛ
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја, генерал Вон Ин-Чул, истакна дека јавно се извинува поради тоа што не успеале да спречат еден севернокорејски азилант да ја премине границата и да се врати во Северна Кореја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Армиските власти соопштија дека на 1 јануари безбедносните камери забележале лице кое се качувало на бодликавата жица на границата, го вклучиле алармот и тим од шест војници биле испратени во областа.
Генерал-полковник Џеон Донг-Џин, оперативен директор на началникот на Генералштабот, рече дека војниците не успеале да најдат никаква трага од него.
Џеон Донг-Џин рече дека ќе ја зголемат подготвеноста на војниците на првата линија и ќе развијат системи за надзор долж границата.
Од друга страна, началникот на Генералштабот, генерал Вон Ин-Чул, на брифингот пред пратениците рече: „Навистина ми е жал што ги загрижив луѓето поради инцидентот. Ветувам дека ќе вложам максимални напори за да не се случат повторно слични инциденти.“
Министерството за одбрана соопшти дека осомничениот најверојатно бил барател на азил кој во Јужна Кореја дошол на крајот на 2020 година. Засега не се знае судбината на лицето кое се вратило во Северна Кореја.
Демилитаризирана зона на границата е долга 248 километри и широка 4 километри. Зоната од двете страни се обезбедува со нагазни мини, борбени трупи, бодликава жица и безбедносни камери.
Јужнокорејската војска се соочува со големи критики од јавноста кога некој ќе успее да ја помине границата без да биде откриен.
Според владините записи, околу 34.000 Севернокорејци дошле во Јужна Кореја за подобар живот од доцните 1990-ти, а околу 30 се вратиле дома во изминатите 10 години.