Ekipa
21 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
АНКАРА (АА) - Турција е најодлучната земја што учествува во борбата против ДЕАШ, истакна денес турскиот премиер Бинали Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на конференцијата за време на неговата официјална посета на Сингапур, Јилдирим рече дека Турција расчистила повеќе од 2.000 квадратни километри територија од ДЕАШ, за време на операцијата „Штитот на Еуфрат“.
„Досега се неутрализирани 4.600 милитанти на терористичката организација ДЕАШ, од кои 3.800 во Сирија и 800 во Ирак. За жал, денеска ниту една земја во борбата против ДЕАШ ја нема одлучноста што ја покажа Турција“, изјави тој.
Меѓу август минатата година и март годинава, борците на ослободителната сириска армија, поддржани од турската војска, во северна Сирија ослободија територии од терористите на ДЕАШ во операцијата „Штитот на Еуфрат“.
Јилдирим нагласи дека Турција и понатаму ќе има активна улога во борбата на глобалната коалиција против ДЕАШ.
„Тероризмот претставува сериозна закана за националната, регионалната и за глобалната безбедност. Тесната соработка на меѓународно ниво во борбата против тероризмот е задолжителна“, истакна турскиот премиер.
Тој додаде дека Турција веќе 40 години се бори против тероризмот на ПКК.
„Всушност, Турција е активно вклучена во борбата против терористичките организации ДЕАШ, ПКК, ПЈД, ЈПГ и терористичката организација ФЕТО“.
„Со цел да се стави крај на глобалната закана од страна на терористичките организации, сите земји треба да се борат против нив преку заеднички напори, без да прават разлика меѓу нив и без да ја истакнуваат нивната етничка структура или идентитет“, рече тој.
Во своето обраќање на Турско-сингапурскиот бизнис форум, Јилдирим се осврна и на ситуацијата во Ирак и во Сирија.
„Нередите во Сирија и во Ирак веројатно нема да траат уште долго. Турција и другите земји прават големи напори за да ги прекинат проблемите во двете блискоисточни земји“, рече тој.
Јилдирим додаде дека Турција ќе стане најстабилната земја во следните децении.