Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
МАРИБ (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека во првата половина на оваа година е доставена помош за повеќе од 16.000 деца во Ал Худајда, во Јемен, коишто имале проблем со потхранетост, пренесува Anadolu Agency (AA).
На профилот од Меѓународниот фонд на ОН за деца (УНИЦЕФ) на социјалната мрежа Твитер е наведено дека во првата половина од оваа година во Ал Худајда се спасени животите на 16.289 деца, коишто немале пристап до доволни количини храна.
Се додава дека активностите за спасување на децата продолжуваат и покрај интензивните судири кои и понатаму траат, а и покрај останатите препреки.
Се предупредува дека околу 400.000 деца помлади од пет години во градовите во Јемен се соочуваат со потхранетост.
Податоците на Светската здравствена организација (WHO) покажуваат дека во Ал Худајда, освен глад, владеат и особено лоши здравствени услови.
Силите на јеменската Влада на 13 јуни, со поддршка на коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, започнаа операција за ослободување на градот и пристаништето на Ал Худајда од Хусите.
Хусите од септември 2014 година ја контролираат Сана и уште неколку подрачја. Судирите меѓу припадниците на безбедносните сили и Хусите се присутни во целата земја. Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија од март 2015 даваат поддршка на јеменската Влада.