Ahmet Furkan Mercan
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ТОКИО (АА) - Јапонскиот премиер Суга Јошихиде истакна дека ракетните тестови на Северна Кореја „во никој случај не се оправдани“ и дека претставуваат закана за мирот и безбедноста на неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Суга на прес-конференција нагласи дека најостро ги осудува ракетните тестови на Северна Кореја направени викендов и вчера.
Истакнувајќи дека тестовите „во никој случај не се оправдуваат“, Суга рече дека тие ги прекршиле резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
„Севернокорејските ракетни тестови го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија и на регионот“, нагласи Суга.
Наведувајќи дека ќе го свика Советот за национална безбедност (NSC), Суга истакна дека им дал инструкции на релевантните државни институции за безбедност на поморскиот и воздушниот сообраќај.
Од друга страна, во соопштението на јапонското Министерство за одбрана се наведува: „Неодамнешните балистички и други ракетни тестови на Северна Кореја се сериозен проблем за Јапонија и меѓународната заедница.“
Генералниот секретар на Кабинетот, Като Катсунобу, нагласи дека „ракетите низ воздухот се движат на невообичаен начин“.
Като не изнесе детали за текот на ракетите, местото каде што паднаа, ниту за штетата.
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека вчера околу 12:30 часот по локално време, Северна Кореја извршила ракетен тест и проектилите биле истрелани кон источниот брег на Корејскиот Полуостров.
Се забележува дека ракетното тестирање е извршено по Самитот за Северна Кореја, што на 14 септември во Токио го одржаа американските и јужнокорејските дипломати.
Агенцијата „Јонхап“, во веста базирана на извори од Северна Кореја наведе дека оваа земја викендов тестирала „нов тип ракети“ со дострел од 1.500 километри.