Ahmet Furkan Mercan
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ТОКИО (АА) - Јапонија преку меѓународните организации ќе обезбеди итна помош од 19 милиони долари за араканските муслимани (Рохинџа), кои се бегалци, за да ги исполни нивните потреби за храна и здравје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Јапонија соопшти дека ќе обезбеди финансиска поддршка за муслиманите од Аракан, кои бегаат од угнетувањата и прогонот во мјанмарската држава Аракан.
Во тој контекст, Јапонија ќе даде итна помош во висина од 19 милиони долари за поддршка на муслиманите од Аракан преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Светската програма за храна (WFP) и Меѓународната организација за миграција (IOM).
Во рамките на грантот, ќе бидат обезбедени медицинска и здравствена опрема што ќе биде доставена до 58 болници и здравствени установи во Мјанмар и Бангладеш, а помош во храна ќе им биде доставена до 600.000 луѓе во двете земји.
- Етничко чистење на муслиманите од Аракан -
Муслиманите од мјанмарската држава Аракан со законот донесен во 1982 година ги изгубија правата за државјанство.
Во Мјанмар, во моментот официјално се признаваат 135 различни етнички групи. Радикалните будисти се спротивставуваат на признавањето на муслиманите од Аракан.
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската Војска и будистите националисти започнаа масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во соседен Бангладеш побегнале над 900 илјади луѓе.
Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права го нарекоа етничко чистење или геноцид насилството врз араканските муслимани.