Fuat Kabakcı
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг порача дека светот мора да се спротивстави на идеологијата на Студената војна, соочувањето со болката и индивидуалните безбедносни планови кои ја загрозуваат безбедноста на другите, јавува Anadlu Agency (AA).
Овој викенд се одржа Самитот на лидерите на земјите од Шангајската организација за соработка (SCO), во која членуваат Кина, Русија, Индија, Пакистан, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
Во своето обраќање пред учесниците, домаќинот на Самитот и првиот човек на Кина, Си Ѓинпинг, истакна дека Шангајската организација за соработка ги обединува земјите што делат заеднички вредности на траен мир, соработка, глобална безбедност, заштита на животната средина и желбата за зајакнување на соработката за подобра заедничка иднина.
Повикувајќи ги членките да работат на зајакнување на соработката во рамките на Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и другите меѓународни организации, Си рече дека тоа ќе придонесе за поефикасно управување во светот и полесно решавање на проблемите.
„Мораме ефикасно да ја имплементираме програмата на Шангајската организација за соработка за следните три години, која предвидува заедничка борба против тероризмот, дискриминацијата и радикализмот. Во овој контекст потребни се заеднички антитерористички вежби и зајакнување на соработката во областа на одбраната и заштитата на личните податоци“, рече Си.
Тој, исто така нагласи дека светот мора да се спротивстави на идеологијата на Студената војна за поларизација на светот и додаде дека земјите на Шангајската организација за соработка и остатокот од светот мора да се дистанцираат од политиката на себичност, кратковидост и затвореност.
„За воспоставување на отворена светска економија потребно е да се почитуваат правилата на Светската трговска организација, и ние во Шангајската организација за соработка мораме да го поддржуваме системот на отворена трговија“, порача Си, и повика на продлабочување на соработката во областа на културата и образованието.
Самитот на лидерите на Шангајската организација за соработка се одржа во градот Кингдао во кинеската провинција Шандонг во Кина, која е родно место на многу кинески великани, вклучувајќи го и филозофот Конфучие.
Домаќинот на Самитот, Си Ѓинпинг, одржа и одделни билатерални средби со другите учесници на Самитот. Тој се состана со рускиот колега Владимир Путин, премиерот на Индија, Нарендра Моди, казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев, пакистанскиот претседател Мемнун Хусеин, претседателот на Киргистан, Соронбај Џенбеков, како и со претседателите на Таџикистан и Узбекистан.
Шангајската организација за соработка е основана во 2001 година во Шангај, и денес е важна мултинационална организација за соработка во областа на економијата, безбедноста и политиката.