Andelija Stojkovic
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
БЕЛГРАД (АА) – Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес на отворањето на Самитот по повод 60-годишнината од основањето на Движењето на неврзаните, истакна дека меѓународната соработка е единствен пат кон севкупната благосостојба и придобивка за човештвото и дека Србија верува во мултилатерализмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Драги пријатели, добре дојдовте дома. Белград бил и ќе биде добар домаќин на секое човечко битие кое ја носи пораката на мирот“, нагласи Вучиќ.
Тој порача дека Србија како правен наследник на СФР Југославија, основач на Движењето на неврзаните и на Обединетите нации, е промотер на идејата за мултилатерализам.
Вучиќ рече дека желбата на Србија е да оддаде почест на Движењето на неврзаните, кое настанало за време на блоковските поделби и во кое немало место за доминацијата на една држава врз друга.
Тој истакна дека се надева дека нема да зборува само за минатото, туку и за иднината, и дека верува дека светот на дијалогот и мирот е можен.
„Не би требало да ја заборавиме главната улога што Движењето на неврзаните ја одигра во зачувувањето на мирот во светот. Покрај сите подеми и падови, историјата на Движењето на неврзаните е успешна приказна“, рече Вучиќ.
Како што наведе, Движењето тргнало со идејата за иднина на еднакви земји, каде истите права се применуваат за сите.
„Правото да се одлучи за сопствената судбина не е грев, туку право кое мора да им припаѓа на сите, без оглед на силата, богатството и моќта што ја имаат“, порача Вучиќ.
Тој кажа дека е неопходно да се работи на јакнење на мултилатерализмот и дека „ниту една држава не е изолирана и самодоволен остров“.
Како што нагласи Вучиќ, Движењето на неврзаните било и понатаму останува симбол на суверениот дел на светот, што се бори за својата автономија, а Србија знае колку е таа борба тешка. Тој додаде дека за Србија тоа е најтешка борба која е насочена на решавање на прашањето со Косово.
Тој кажа дека работејќи на решавањето на проблемот на Косово, Србија ги брани универзалните принципи на меѓународните права, но и клучните принципи на кои се заснова Движењето на неврзаните.
Вучиќ додаде дека Србија донирала повеќе од милион вакцини против коронавирусот, од кои повеќе од половина за земјите во Азија и Африка, и дека тоа ќе го прави сѐ додека Ковид-19 не стане минато.
„Србија никогаш нема да го сврти грбот на пријателите“, порача Вучиќ и укажа на идејата за основањето на Движењето на неврзаните, дека мирот не може да се постигне со поделби, туку со спречување на доминацијата на една држава врз друга.
Самитот на Движењето на неврзаните земји се одржува денес и утре.
На собирот на кој домаќини се Србија и Азербејџан присуствуваат делегации на повеќе од 100 земји, девет меѓународни организации и 40 министри за надворешни работи.
Гостите ги дочекаа министрите за надворешни работи на Србија и Азербејџан, Никола Селаковиќ и Џејхун Бајрамов.
На Самитот нема да бидат донесени никакви одлуки, туку претставува начин да се одбележи 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните, што на 1 септември 1961 година е одржана во Белград.